На сцената на Драмски театар Скопје утре на 13 мај 2023 (сабота) во 20 часот е премиерата на претставата „Кафез кај кокони“. На текст на францускиот автор Жан Пуаре, режисерот Димче Николовски ја поставува најновата премиера во Драмски. Претставата не се препорачува на лица помлади од 18 години.

Француската фарса „Кафез кај кокони“ (“La cage aux folles”) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2.000 репризи.

Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет.

Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата на Драмски театар Скопје „Кафез кај кокони“, сака да прикаже дека педесет години потоа, овие прашања сè уште се отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост.

Комичниот заплет е толку шармантно уникатен што провоцира две филмски адаптации, – “La cage aux folles” (1978) и “The Birdcage” (1996), како и ексклузивна преработка во мјузикл за Бродвејската сцена во 1984.

И покрај тоа што е изградена врз база на одредени стереотипи, пиесата како и сите нејзини адаптации, има важна улога во кршењето на бариерите и предрасудите за тоа како се претставуваат и прифаќаат луѓето со поинаква сексуалност.

Улогите ги толкуваат: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и во улогата на Саломе – Бранко Атанасов.

Сценографијата е на Димче Николовски и Благоја Бошковски Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати – Кери. Преводот е на Радмила Јорданова и Благоја Бошковски Буцко, адапатација на Александра Бошковска, Благоја Бошковски Буцко, изборот на музика е исто така на Александра Бошковска и Благоја Бошковски Буцко.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.