Денес, на 27.12.2023 година, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“ потпишаа Меморандум за соработка која ќе се фокусира на подготовка и реализација на проекти во област на македонскиот јазик.
Согласно Меморандумот, тие се согласија да соработуваат заедно на развој и имплементација на проекти од заеднички интерес, кои вклучуваат реализација на курсеви за македонски јазик за странци и деца на нашите иселеници, маркетинг активности за промоција на македонскиот јазик, поттикнување на младите за изучување на македонскиот јазик, како и активности за поттикнување на љубовта кон читањето кај младите.
„Идејата за соработка меѓу Филолошкиот факултет „Блаже Конески” и Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ” се темели на споделениот интерес за негување и промоција на македонскиот јазик, како и долгорочната цел за подигнување на нивото на читателската култура кај децата и младите, како поттик за развој на нивните интелектуални и творечки потенцијали. Се надеваме дека во нашата соработка ќе се придружат и други партнери кои ја споделуваат грижата за овие области од витално значење за општеството“, изјави д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
„Македонскиот јазик е дел од нашиот идентитет и наше најголемо богатство. Верувајќи дека заедно сме посилни, ги здружуваме силите за да го зачуваме јазикот, помагајќи им на децата на нашите иселеници родени во дијаспората да го научат македонскиот јазик“, изјави Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и додаде: „Освен тоа, се согласивме дека децата имаат сериозни потешкотии со читањето и се согласивме да преземеме сериозни чекори во решавањето на овој проблем.“
Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ е непрофитна организација посветена на поттикнување на образованието, лидерството и социјалниот развој во Македонија. Со фокус на зајакнување на младите и култивирање на идни лидери, Фондацијата работи неуморно да инспирира позитивни промени и да придонесе за растот и просперитетот на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.