Синоќа, во 19, 30 часот, во КСП Центар – Јадро ја промовирапе книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска, кураторка и теоретичарка на визуелна уметност. Книгата е издадена од организацијата Контрапункт.
На промоцијата која беше во дијалошки формат меѓу Милевска и Артан Садику, политички филозоф воведни зборови имаше Искра Гешоска, теоретичарка на културата и културна работничка, а говореше и Тијана Ана Спасовска, историчарка на уметноста.
„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е збирка на петнаесет есеи за партиципациската уметност, со особен фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Авторката ги напишала овие есеи во текот на повеќе од петнаесет години и биле објавени на англиски јазик. Овие есеи првпат се објавени заедно и се преведени на македонски јазик и уредени од Ана Димишковска, деканка на Институтот за филозофија и професорка по логика и филозофија, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Книгата е од исклучително значење поради нејзината важна интервенција во етичко-политичката организација на промислувањето на партиципациската уметност, и заради нејзиното храбро и предизвикувачко отворање/поставување прашања преку чии можни одговори може одново да се освои изгубениот политички и уметнички простор, разбиен со безмилосните напади на глобалниот неолиберализам“, стои во најавата за промоцијата на збирката есеи на Милевска.
Милевска има издадено неколку книги, а нејзините текстови се преведени на англиски, француски, јапонски, германски, српски и други јазици. Дополнително, таа служела како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон и има курирано бројни меѓународни изложби.
Книгата претходно била објавена и на англиски јазик, со промоција на англиски јазик во Њујорк во март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.