Во рамки на кампањата „Ние сме Европа“, вечер од 18 часот во Центарот за култура-Битола ќе биде организирана отворена трибина „ЕУ за македонското културно наследство“.

Најавени се обраќања на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ – домаќин на кампањата „Ние сме Европа“, која се организира во осум градови низ државава.

На третиот настан од кампањата, овојпат во Битола,  ќе се обрати и  Андреа Штајнер-Вотавова – заменик-амбасадорка на Чешка, како и други гости на трибината.

Кампањата  „Ние сме Европа“ почна со трибина отворена за граѓаните во Скопје, продолжи во Струмица, а по вечерашната во Битола, трибини во наредните денови ќе има и во Прилеп, Охрид, Штип,  Тетово и Куманово.

-Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Владата на Република Македонија ги афирмираат и промовираат европските вредности, во време на важни одлуки за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, кои не’ засегаат сите нас, граѓаните и тоа во духот на демократијата, мултикултурализмот, владеењето на правото, почитувањето на фундаменталните и човековите права итн, соопшти СЕП.

Соодветно за секој од градовите, посочува СЕП, се отвораат точки за дискусија на неколку теми и тоа: култура, енергетика, туризам, земјоделство, економија, млади, инфраструктура и социјала. Активностите во секој од градовите вклучуваат и посета на локалитет од значење за конкретниот град.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.