ФАМЕ’С Европскиот Оркестарски Изведувачки Институт го најавува ексклузивниот концерт на светскиот виолинист Веско Ешкенази, кој е и концерт мајстор на еден од најдобрите оркестри во светот – Концертгебау оркестарот од Холандија. Како гостин концерт мајстор и ментор на оркестарот на овој концерт, ќе настапи и виолинистот од Бугарија Евгени Ноев.
Овој концерт се реализира во соработка со бугарскиот културно информативен центар во Скопје.

Концертот ќе се одржи на 15-ти јули, во камерната сала на Филхармонија со почеток во 20.30 часот.

Оркестар на ФАМЕ’С Институт
Веско Ешкенази, солист и диригент
Евгени Ноев, концерт мајстор и ментор

Програма:
А. Вивалди: Лето од четирите годишни времиња
П. И. Чајковски: Серенада за гудачи

ФАМЕ’С европскиот окрестарски изведувачки институт претставува музички образовен центар кој што е создаден во рамките на компанијата ФАМЕ’С која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Институтот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа, во полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE). Фокусирајќи се на креирање можности за младите таленти, програмата обезбедува едукација и разновидни оркестарски практки, истражувајќи нови стилови, збогатувајќи го репертоарот со нови композиции итн. Оваа програма овозможува високо професионално ниво на обука, пракса, менторирање и изведби, преку новите методологии и технологии кои се овозможени во студиото на ФАМЕ’С.
Преку различни дигитални платформи, проектот се стреми и кон развој на нова публика, пренесувајќи ги искуствата и културниот диверзитет на европското музичко наследство.

Овој институт континуирано е домаќин на млади музичари од различни земји од Европа, како и на врвни музички уметници кои ги раководат активностите на овој семинар, меѓу кои и: Тимоти Редмонд, Колсимча бенд, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Куареим Квартетот, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Игор Корети, Оливие Дежурс, Емили Дејвис, Ирина Муресану, Јан Банг, Танго 5/4, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи, Петер Барсони, Дајен Луи, Конрад Ван Алфен, Арварк Квартет и Веско Ешкенази.

ВЕСКО ПАНТЕЛЕЕВ–ЕШКЕНАЗИ, концертмајстор на Кралскиот Концертгебау оркестар во Амстердам, потекнува од семејство на познати музичари. Од многу мала возраст покажува фантастични успеси како виолинист и веќе на свои 11 години, тој е концертмајстор на Младинската филхармонија „Пионер” под раководството на проф. Влади Симеонов. По дипломирањето на музичката академија во Софија, во 1990 заминува за Лондон, каде магистрира кај проф. Ифра Ниман на „Гилдхол”.
Лауреат е на меѓународниот натпревар „Виењавски” во Познан, меѓународниот натпревар во Пекинг и натпреварот „Карл Флеш” во Лондон. Носител е и на наградата „Музичар на годината” за 2010 која ја доделува Бугарското национално радио.
Ешкенази концертира во цела Европа, САД, Јужна Америка, Индија, Кина… како и на фестивали како „Мидем“ во Кан, Монпелие, Атлантик, Нант и Реимс во Франција, бројни фестивали во Софија, „Варненско лето”, „Аполонија” и други. Настапува како солист со Кралскиот Концертгебау оркестар, Лондонската филхармонија, Англискиот камерен оркестар, Филхармонијата во Монте Карло, Софиската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Мексико сити, Холандската филхармонија, Прашкиот симфониски оркестар, Ирскиот национален симфониски оркестар, камерениот оркестар Бах–Берлин и др.
Како концертмајстор, соработувал со светски имиња како Монсерат Кабаје, Пласидо Доминго, Алексис Вајсенберг, Јури Башмет, Мстислав Ростропович, Марис Јансонс, Бернард Хаитинк, Рикардо Шаји, Курт Мазур, сер Колин Дејвис, Карло Марија Џулини, Сеиџи Озава, Емил Чакаров…
Покрај многу бројните солистички настапи, особено се издвојуваат концертите со Кралскиот Концертгебау оркестар со светски познатите диригенти Марис Јансонс, Колин Дејвис, Јап ван Зведен, Анкуш Кумар Бахл и др.
Веско Ешкенази редовно снима за „Pentatone Classics”, кои што ги добиваат највисоките оценки на критиката.
„Веско Ешкенази ја пишува историјата со своите нови супер-снимки за „Pentatone Classics” исполнувајќи ги концертите за виолина од Моцарт и Менделсон“ – ќе напише списанието „Luister”. Мајкл Либовиц од „Classics Today” ќе напише: „Тој пристапува кон Моцарт со брилијантност; го исполува Шуберт со стабилно фразирање… Неговиот мек и фантастично ариткулиран тон го става на исто место со другите светски познати виолинисти…“. Во 2012 година тој ги снима сите Бахови концерти за виолина.
Таленитраниот виолинст е и познат камерен музичар. Во 1995 година, како сонатно дуо, заедно со пијанистот Људмил Ангелов, исполнуваат многубројни концерти во Европа, а особено топло ќе бидат пречекани од шпанската публика во градовите Хихон, Толедо и Мадрид, каде во четири последователни вечери ќе ги исполнат сите сонати за виолина и пијано од Моцарт. Нивниот албум со руска музика е издаден од „Gega New”, а вториот албум „Восхитувачкиот Џорџ Гершвин” – од „Pentatone Classics”. Во 2007 тие ќе настапат во позната сала „България“, на концерт кој е емитуван во живо на БНТ. Во 2012/2013 Ешкенази го формира дуото и со пијанистката Мариета Петкова.
Веско Ешкенази свири на виолина „Гуарниери дел Джезу” от 1741, сопственост на анонимен спонзор од Холандија.

Евгени Ноев
Евгени Ноев Николов започнал да свири виолина уште од рана возраст и дипломирал на бугарското национално музичко училиште „Л. Пипков“ во класата на проф. Евелина Арабаџиева. Своето образование го продолжил на бугарската Национална музичка академија „Панчо Владигеров“, каде што дипломирал и магистрирал под раководство на проф. Петар Христосков. Евгени е музичар кој настапува како солист, но и во различни камерни состави и оркестри. Од јануари 2024 година е концерт-мајстор на оркестарот на Софиската опера и балет. Во 2018 година, заедно со сопругата, италијанската пијанистка Татјана Мајони, го основа дуото Артихармонија, со кое се активни преку бројни музички проекти на националната и меѓународната сцена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.