Друштвото на филмски работници на Македонија објавува повик за прием на нови членови во секциите режија, продукција, камера, сценографија, костимографија и шминка, тон и монтажа; анимиран филм, а годинава прв пат ќе биде отворена и секција за сценаристи. Кандидати за членови на ДФРМ можат да бидат младите, идни филмски работници по завршувањето на школувањето во соодветните училишта и факултети, како и лицата кои ке се докажат низ своите филмски дела.

Сите заинтересирани кандидати до крајот на годината можат да испратат своја кратка биографија на contact@dfrm.org.mk, а сите информации и критериумите за прием на нови членови можат да ги најават се наоаѓаат на веб-страницата на Друштвото на филмски работници на Македонија.

ДФРМ е основано на 21 мај 1950 година и е формирано со слободно здружување на филмските работници од Македонија. Друштвото има својство на правно лице и претставува независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно здружение на филмските работници. ДФРМ членува во Светската асоцијација на кинематографери IMAGO, Европската асоцијација на режисери FERA и Европската асоцијација на филмски продуценти и ја поседува лиценцата за Оскар за Македонија, односно е задолжено и делегирано од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука да го избира националниот кандидат за наградата Оскар.

Повеќе од седум децении (1950-2022) постоење на една асоцијација во рамките на културата на една држава се убедлив доказ за суштината и значењето на Друштвото на филмските работници на Македонија, како двигател на сите најзначајни случувања и резултати во рамките на македонската кинематографија. ДФРМ е најстарото релевантно струково здружение од областа на филмското производство и останатите аудио-визуелни медиуми во Македонија. Основните цели на Друштвото се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат во државата и во странство, обезбедување на континуиран развој на филмската дејност, како и стимулирање и унапредување на филмската професија и промоција на филмската уметност и култура.

Друштвото активно учествува и во креирање на легислативата која се однесува на филм и аудио-визуелна дејност, се залага за решавање на авторските права и статусот на филмските работници и конечно решавање на пензиско-инвалидското осигурување на сите неавторски позиции во филмот. Една од суштинските функции во постоењето на ДФРМ во континуитет е грижата за своите кадри, преку обука и нивно стручно усовршување, како и заштита на професионалните права и интереси на сите членови, кои својата припадност кон Друштвото ја верификуваат преку редовно платената членарина, со што им е загарантирано учеството и гласањето со потребниот кворум на редовните годишни собранија.

ДФРМ е иницијатор, основач и организатор и на филмската ревија „Златна рамка“ која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на државата. Во рамките на четвртото издание на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, оваа година биде одржан и првиот Интернационален Филмски Форум на кој присуствуваа девет директори од најрелевантните филмски национални институции во регионот. Исто така, ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Фестивалот започнат 1979 година, е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.