Драмата „Кирил и Методиј – Who are you?“ од македонскиот автор со интернационално реноме Јордан Плевнеш синоќа, во очи на Светскиот ден на театарот, во Парискиот театарски центар Шарентон беше презентирана заедно со десетина познати автори од европските земји во организација на издавачот „Куќа на Европа и Ориентот“.

На презентацијата беа изведени повеќе сцени од драмата од француски актери, во режија на Доминик Долмие, а исто така беше презентиран и предговотот на Жорж Бани, еден од најзначајните светски театролози, кој го наслови својот текст „Јордан Плевнеш е планетарен автор”.

Драмата предизвика голем интерес кај бројната публика и бидејќи е базирана на приказна за враќањето на Свети Кирил и Методиј во нашево време, на големи политички, воени, терористички и хуманитарни катастрофи, кои се одвиваат насекаде во светот меѓу Киев, Москва, Блискиот Исток, Њујорк и Баканот, беше доживеана како уметничко истражување низ драмска форма на прашањето, дали може да биде уништена човечката надеж на сите меридијани или ќе победи духовната визија на Кирил и Методиј, кои беа прогласени за заштитници на Европа од Папата Јован Павле Втори во 1980 година, единаесет векови по нивната смрт.

Имено, нивната визија се состои во нивното уверување дека човештвото треба повторно да ја пронајде смислата на постоењето низ определбата „Цивилизација на љубовта и Носталгија по единството”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.