Шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2024 година, ќе биде отворен до 1 јули (понеделник). На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни или за деца. Ракописите треба да ги достават самите автори, на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
„Пегаз“ е резултат на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022) и „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023). Книгите се дел од едицијата „Пегаз“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Првата победничка на „Пегаз“, Соња Манџук, која го доби ова книжевно признание во 2019 година за ракописот „Насон прочитана книга“, вели дека оваа награда и денес, пет години по доделувањето, за неа има голема важност од повеќе причини.
Значајна ми е затоа што е избрана за најдобра во конкуренција од 77 ракописи. Значајна ми е затоа што овозможи објавување на романот, кој две години беше одбиван од Министерството за култура. И затоа што информацијата за конкурсот дојде во моментот кога веќе се откажав од тоа да аплицирам со ракописот преку издавачка куќа и размислував за самоиздавање на романот. Сепак, она што ја прави особено посебна и значајна за мене е токму називот „Пегаз“. Тој симбол, тоа митолошко суштество е дел од романот, некои ликови, со своето сновидно/астрално тело, летаат на неговите крилја. А, со оглед на тоа што во ова дело се обидував да го следам холистичкиот принцип на сеопфатност и целовитост, наградата „Пегаз“ ја доживувам како заокружување, надополнување, како вклопување во романот. И, токму затоа, таа за мене има исклучително и особено големо значење – вели Манџук.
Авторот Владо Јаневски, кој со „Мртвите знаат најдобро“ е еден од добитниците на „Пегаз“ за 2020 година, вели дека убавината на ова признание е што со секој награден роман нуди книжевна разновидност.
„Пегаз“ е за престижна награда. На пример, во 2020 година беше доделена во конкуренција од 61 ракопис. Учествував анонимно, во такви услови наградата за мене имаше поголема тежина. Се разбира дека тоа ми даде поттик да продолжам. Благодарение на објавувањето на „Мртвите знаат најдобро“, веднаш потоа следната година се објави неговото продолжение, романот „Смртта не е крај“, кој патем може да се чита и како посебен роман – вели Јаневски.
Писателот Александар Русјаков, кој ја доби наградата во 2021 година за романот „Хотел меѓу две војни“, вели дека „награда на авторот му носи не само емотивно задоволство туку и можност неговото дело, откако ќе биде прогласено за победничко, да го види повеќе публика, оти публиката сака да ги следи наградуваните“.
За мене, „Пегаз“ е посебно значајна, затоа што, реално, тоа е мојата прва книжевна награда. Оваа награда донесе позитивно влијание врз читателската публика. А врз моето книжевно творештво, идејата за награди нема никакво влијание, бидејќи не творам за да бидам наградуван, пишувам затоа што не можам да живеам без тоа, иако, на крајот, доколку се случи делото да биде наградено, уживам во резултатот – вели Русјаков.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.