Петок, 8 април, во Дом на АРМ, со почеток во 20 часот во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“ ќе може да се погледне настапот на Танец- „Фолклорни минијатури од антологискиот репертоар на Н.У. Ансамбл за народни игри и песни „ТАНЕЦ“
Во периодот од седумдесет и три години постоење на професионалниот ансамбл ТАНЕЦ, народните игри и песни во Македонија оформија свој единствен, препознатлив музичко-сценски жанр. Ансамблот и денес продолжува да го стандардизира сценскиот фолклор пред македонската и меѓународната публика. „Танец“ ја фузионира и амалгамира богатата македонска фолклорна традиција, создавана во сите региони и на сите песнопојни и играорни подрачја преку врвен сценски репертоар кој брои повеќе од деведесет кореографски постановки. „Танец“ значел многу во минатото, значи и за сегашноста, но уште повеќе ќе значи за иднината, кога изворниот фолклор целосно ќе исчезне од неговата природна средина и ќе остане да опстојува единствено во архивите и на сцените. Во таа смисла, „Танец“ ќе стане еден од главните столбови, паметникот и фундаментот на македонскиот народен бит од кој ќе црпат знаења сите културно-уметнички друштва во земјава и светот, сите вљубеници во нашата игра и песна и сите истражувачи на македонскиот фолклорен идиом.

Програмата на концертот е конципирана врз фрагменти, односно избор од автентични фолклорни творби врз кои се темелат познатите кореографии на ансамблот. Опфатени се карактеристични напеви и ора од различни делови на земјата, кои имаат за цел да го претстават раскошот на македонските играорни и мелопоетски дијалекти кои егзистираат на наше тло, а кои низ овие седум децении се вешто вградувани во репертоарот на „Танец“. Низ овој концертен циклус, публиката ќе може да ги препознае изворните бисери кои со години ги слушала во рамките на антологиските кореографии на „Танец“, а тоа се ората како АданаТоскаПетруниноГлувонемоТрченицаСитна Лиса, но оние фолклорни добра кои нѐ мапираа на светската карта на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, нашето пијанечкото оро Копачка и типичното машко двогласно пеење од Долни Полог.

Со овој проект ансамблот се враќа кон изворите, односно кон никулците од кои р’ти репертоарот на ансамблот „Танец“. Ова концертно потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и музичко-сценски фолклор ќе биде изведено од соодветена традиционална изведувачка формација, составена од врвните играорци и музичари на македонски изворни инструменти од редот на вработените во НУ „Танец“.

Изведуваат: Оркестарот на традиционални инструменти, вокалните групи и играорниот кор на „Танец“.

За Ансамблот ТАНЕЦ

ТАНЕЦ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. ТАНЕЦ, чие име го симболизира македонскиот народен танц (оро) е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави – без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство. Танец ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 73 години постоење, ТАНЕЦ има учествувано на повеќе од 5000 концерти и фестивали, пред преполните концертни сали во: Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн и други градови. 

Ансамблот поседува уникатна збирка на повеќе од 2000 оригинални традиционални носии. Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува богатите разновидни регионални музички и кореографски традиции и стилови на богатиот македонски фолклор. Ансамблот брои 40 игроорци, 20 пејачи и 20 инструменталисти, кои во зависност од потребите настапуваат во различни комбинаиции. ТАНЕЦ има добиено многу награди и признанија, како Гранд при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија и државните награди „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.

Влезот на концертот е слободен. Поради лимитиран број на седишта согласно со ковид протоколите за одржување на културни настани, задолжителна е претходна резервација на sokom@sokom.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.