Новата книга за деца „Детелинки-белинки“, која содржи шеснаесет современи бајки од 15 македонски автори, излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Изборот на бајките во оваа збирка е направен од пристигнатите материјали на конкурсот за новосоздадени бајки на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, спроведен во 2020 година.

Приказните се наредени во четири циклуси – како четири листенца на „среќната“ детелинка. Овие современи бајки го збогатуваат омилениот жанр на децата. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели.

Во книгата се застапени бајки од нови, но и од веќе етаблирани автори: Билјана Станковска („Авантурите на едно мракче“), Владо Димовски („Во земјата на белите облачиња“), Анета Ристеска („Вин-вин“), Клементина Петрушевска („Часовникот на Симон“), Мартина Дукоска („Детелинки-белинки“), Светлана Дарудова („Бајка за Нова година“ и „Талкачката“), Анита Димовска („Зелената кралица“), Биљана Стојановска („Змејот од Пелистер“), Ана Ѓорѓевиќ („Горделивата жирафа“), Марија Ралповска („Волкот Пуи“), Мимоза Тодоровска („Волшебен лет“), Владо Јаневски („Папагалот и кучето“), Алма Растодер („Магијата на другарството“), Ана Гаштарова („Не е добро да се лаже!“) и Весна Кираџиева („Авантурите на Трепколетка“).

Изданието е дел од едицијата „Лесно читливо“, уредено со помош на специјален фонт за полесно читање за деца во фаза на описменување, како и за лица со дислексија, препорачано од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје. Во книгата е вклучен и речник на помалку познати зборови.

На конкурс, што го распишаа Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ пред две години, пристигнаа 442 дела од 316 автори од земјава. Од нив, четири беа избрани за победници, за кои дополнително беше распишан конкурс за илустрации. Станува збор за четирите сликовници „Бакнежот на пролетта“, „Перуника“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“, кои беа промовирани неодамна, во новата едиција „Нови бајки од Македонија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.