Фестивалот „Букстар“ почнува вo понеделник, 2 октомври и носи исклучително амбициозна програма во која се опфатени гостувања на десет европски автори, четириесеттина македонски учесници од различни генерации, потоа претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот и доделување на наградите „Драги“.

Во Скопје следните денови ќе биде собран кремот на европската литература, и тоа: Наџат ел Хачми (Шпанија), Миљенко Јерговиќ (Хрватска / Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство).

Во рамки на овој активистички пристап е одбрана и самата добитничка на наградата „Букстар“ Наџат ел Хачми од Шпанија која со години се бори за правата на жените, но и преку другите автори кои отвораат горливи теми во своите родни држави, меѓу кои и Лидија Димковска (Македонија) која ќе го отвори Фестивалот со својот ангажиран говор на тема „Со или без Please“.

Свеченото отворање на Фестивалот е предвидено од 19.30 во киното „Фросина“. Писателката Лидија Димковска ќе го прогласи фестивалот за отворен со свечена реч под наслов „Со или без Please“. По неа, Министерката за култура Бисера Костадиновска Сојчевска ќе ги поздрави странските гости од име на земјата, а свое обраќање ќе има и Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Македонија кој ќе ѝ ја додели наградата „BookStar“ 2023 на Наџат ел Хачми (Шпанија) за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.

Веднаш по свеченоста, со добитничката на наградата на тема „Да се биде (поинаква) жена“ ќе разговараат Ана Јовковска, новинарка и книжевна истражувачка, и Александар Маџаровски, поет, преведувач и јутјубер познат како „Читачот“.

Од 21 часот во киното „Фросина“ Иван Шопов и Александар Маџаровски ќе разговараат со Драго Гламузина (Хрватска) и Бранко Росиќ (Србија) „за што да биде гласна регионалната книжевност?“ Поради својата атипичност регионалната книжевност може да претставува привлечен „пакет“ за остатокот на Европа. После еден подолг период на оддалечување се случува период на период на приближување. Но дали е дојдено време за заеднички настап?

Фестивалот започнува и кампања во соработка со „Пакомак“ за подигнување на свесноста околу селекцијата на отпадот, но и активно учество на публиката во процесот на селекција. Освен што за време на фестивалот ќе бидат поставени специјални диспанзери за прифаќање на стара хартија и хартиена амбалажа, ќе ја наградиме еколошката одговорност на публиката. Со акумулирани најмалку сто поени на апликацијата „Екомак“ за селекција на пластика еко-модерните читатели добиваат книга подарок за време на Фестивалот.

BookStar e и прв книжевен фестивал кој ќе понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ.

На Фестивалот ќе се работи и на стратегија за пробив на македонската и регионалната литература на големите книжевни пазари во Европа, а за таа цел во Скопје се состанува работна група.

Прва фестивалска програмска активност е доделување на наградите „Драги“ 2023, кое ќе се случи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од 14 часот. Во најтесен круг за наградата влегоа преведувачите: Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов. Во оваа пригода ќе се случи и потпишување на меморандум за соработка меѓу издавачката куќа „Антолог“ како организатор на наградата и Филолошкиот факултет како нивен партнер. Како што беше соопштено на овој настан ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. Најавено е и личното присуство на преведувачката за настанот.

Фестивалот се одржува под слоганот „Please do disturb“ и е поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и од Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и Амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија. Фестивалската програма ќе се одвива на повеќе локации во Скопје. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Владимир Трајановски. Фестивалското видео го изработи Радмила Ванкоска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.