Денеска почнува 79. издание на Венецискиот филмски фестивал, на кој светска премиера ќе има и новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“. Филмот, кој е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска, ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти, а премиерно ќе се прикаже в петок во салата „Дарсена“, потоа ќе има уште една јавна проекција, в сабота во киносалата „Палабиенале“. „Најсреќниот човек на светот“ после Венеција ќе игра и во селекцијата на фестивалот во Торонто (8-18 септември).
Ова е првиот македонски филм кој се прикажува во Венеција од „Судијата“ на Жанета Вангели во 2002 и следува 28 години по триумфот на Милчо Манчевски со „Пред дождот“ кој го освои Златниот лав. Во 2001, „Прашина“ на Манчевски го отвори Венецискиот фестивал .
Џулијан Мур, која доби „Оскар“ за улогата во „Сѐ уште Алис“ (Still Alice) од 2014 година, ќе раководи со шестчленото жири на 11-гала фестивал на гламурозниот остров Лидо. Во жирито годинава ќе доминираат режисери – Аргентинецот Маријано Кон, Леонардо ди Костанца од Италија, Родриго Сорогојен од Шпанија и Французинката Одри Диван. Во жирито ќе бидат и иранската глумица Лејла Хатами и јапонско-британскиот сценарист Казуо Ишигуро.
На денешното отворање се очекуваат повеќе од 1.000 гости.
Меѓу гостите се очекуваат и Кејт Бланшет, Тимоти Шаламе, Пенелопе Круз, Шија Лебуф, Оливија Вајлд, Хари Стајлс, Флоренс Пју, Ана де Армас и Брендан Фрејзер, кои сите треба да ги презентираат своите нови филмови.
Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот во светот и еден од најпрестижните, заедно со оние во Кан и Берлин. Годинашното 79-то издание трае до 10 септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.