Фестивалската управа на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) од Кочани го објави повикот за избор на претстави за годинешното 59. фестивалско издание.
Право на учество имаат аматерски театри, работилници, драмски секции, студија, групи кои аматерски се занимаваат со рецитаторство, експериментални и алтернативни сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање кои творат во полето на драмскиот аматеризам.
На ДАФ 2022 во Кочани се прикажуваат автори и дела, театарски претстави од домашни и од странски автори. Изборот на драмскиот материјал е слободен и го одредуваат учесниците на натпреварот во рамките на завршните фестивалски денови.
При подготвувањето на драмскиот проект може да се консултираат и ангажираат и стручни лица, режисери, артисти, драматурзи и слично. Во претставите на аматерските драмски ансамбли не може да настапуваат професионални артисти кои се вработени во театарските куќи во земјава и во странство. Учесниците можат да конкурираат во неколку категории, односно театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, современи, авангардни и експериментални сценски изразни средства и модели, се истакнува во јавниот повик од Драмскиот аматерски фестивал.
Вкупниот број на членови кои учествуваат во подготовка и изведба на драмскиот проект не смее да надминува повеќе од 16 лица за домашен драмски ансамбл и 10 лица за меѓународни аматерски ансамбли. Отстапување од одредбата за бројот на учесници може да биде одобрено само од страна на Фестивалската управа.
Театарските групи треба да испратат видео снимка од целата претстава со која конкурираат како и драмскиот текст, според кој таа е работена. Пријавите за изборот на претстави и снимените материјали во електронска форма треба да се достават до 20 април на електронската пошта „festivaldaf@gmail.com“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.