Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа, а веднаш потоа почнаа јавните презентации на работата на филмските центри и агенции од регионот.
Во првиот дел од презентацијата се вклучија продуцентката Атина Калкопулу од Грчкиот филмски центар, Едуарт Макри од Албанскиот центар за кинематографија, Марија Никчевиќ од Филмскиот центар на Црна Гора и Александра Митриќ-Штифаниќ од Филмскиот центар на Србија. Тие не можеа да дојдат во Скопје за време на одржувањето на форумот и нивните презентации се одржаа преку онлајн вклучување во живо во киносалата „Фросина“ во МКЦ, каде од 22 до 24 август се одржува форумот.
Во вториот дел беа презентирани активностите, условите и критериумите за учество на јавните повици за поддршка на малцински копродукциски проекти на уште четири регионални филмски центри. Пред присутните продуценти, режисери и автори на документарни филмови се обратија Ника Гричар, раководителка на секторот за филмски развој при Словенечкиот филмски центар, Гергана Даковска како национален претставник на „Еуримаж“ при Националниот филмски центар на Бугарија, Морана Комљеновиќ, советник за документарни филмови при Хрватскиот аудиовизуелен центар, и Лум Читаку, директор на Косовскиот кинематограферски центар.
Секој од претставниците на филмските центри за заинтересираните продуценти и автори прво ги објаснуваше општите карактеристики на центарот, бројот на јавни конкурси во текот на годината, критериумите за учество на конкурсите, како и можниот буџет со кој одреден филмски проект би бил поддржан од соодветниот центар. Двете сесии беа отворени за прашања од присутните продуценти и автори, а низ сесиите разговорите и презентациите ги модерираше Хеле Хансен, комесар за документарни филмови во Норвешкиот и Данскиот филмски фонд, која фокусот го стави на поддршката на документарната продукција.
Како посебна презентација беа претставени активностите на МЕДИА Деск МК од страна на Ивана Мирчевска, како дел од програмата МЕДИА на „Креативна Европа“. Во текот на презентацијата беа објаснети општите критериуми за аплицирање, начинот на кој се евалуираат проектите и што треба апликантите да имаат подготвено за да можат да учествуваат на конкурсите. Критериумите на конкурсите се наравени така што главно поддржуваат копродукциски проекти.
Презентациите и средбите од овој вид се особено значајни за авторите и продуцентите на документарни филмови, бидејќи секој национален центар или фонд има свои специфики во однос на учеството на конкурсот и поддршката на филмската продукција. На пример, најширока палета на поддршка имаат Словенечкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, кои имаат големи буџети и ги поддржуваат сите филмски жанрови. Од друга страна, Албанскиот кинематограферски центар дава поддршка за малцинска играна копродукција, но нема можност за поддршка на малцинска копродукција за документарни филмови. Од Филмскиот центар на Црна Гора даваат поддршка за документарни филмови, но тие треба да се долгометражни со траење над 50 минути. Кај Националниот филмски центар на Бугарија поддршката е условена со 75 проценти од средствата да бидат употребени за бугарскиот дел од екипата. Во Кинематографскиот центар на Косово прават пичинг на секој проект што аплицирал за средства. Во просек поддршката што различни центри ја даваат за документарната продукција се движи околу 25 до 30 илјади евра.
Првиот ден на 4. МакеКоПроДокс форумот заврши со презентација на шест проекти во развој од работилницата со Туе Стен Милер. Пред присутните претставници на филмски центри и продуценти беа претставени проектите „I Don’t Want“ на Ханис Багашов од Македонија, „Isthmus“ на Џон Маринопулос од Грција, „Iron Castle (Demir Hisar)“ на Митко Панов од Македонија, „The Land We Breathe“ на Мануел Инакер од Германија и продуцентот Оливер Сертиќ од Хрватска, „My Living Place is Huge“ на Хозе Чавез Боџо, кој живее во Германија, продуциран од Аника Чорбеска од Македонија, и „The Good Death“ на Хасан Ете од Турција.
Во текот на вториот ден на МакеКоПроДокс форумот, на 23 август, ќе се одржат две серии на пичинг за 11 проекти кои се пријавија за учество на форумот. Форумот ќе заврши на 24 август со затворена сесија на Балканската мрежа.
фото: МакеДокс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.