Без доволно средства за конзервација не може целосно да се зачува истраженото културно наследство, особено при археолошките наоди, а со тоа не може да ѝ се претстави на јавноста и да се развива културниот туризам. Со ова се согласуваат археологот Душко Темелкоски и архитектот-конзерватор Кире Јованоски при прилепскиот Завод и музеј.

И годинава имаше добри резултати при археолошките истражувања на четири локалитети, проекти одобрени од Министерството за култура. Но, недоволната конзервација, како и нерешените имотно-правни односи на земјиштата од локалитетите се најголемите проблеми.

Археологот Темелкоски смета дека за конзервација треба да се дадат и три до пет пати повеќе пари, зашто е скап процес, но го зачувува наследството.

-Конзервацијата „тапка во место“. Ние, вообичаено, чекаме грантови од некоја амбасада за да добиеме средства за конзервација. Тоа се однесува на археолошките наоѓалишта, на конзервацијата на фрескоживописи во нашите византиски цркви, па и за други градби или одредени предмети од културното наследство. На пример, за археолошкиот локалитет Стибера, најзначајно наоѓалиште во Прилепско, а е во рангот на Стоби, Хераклеја, Скупи, средствата за конзервација треба да бидат три, а можеби и петпати поголеми отколку оние за истражување. Особено што конзервацијата е многу скап процес. Значи, тие објекти кои се истражуваат на археолошките наоѓалишта, ако соодветно не се конзервираат, реконструираат, немаме можност за „добар пласман“ пред посетителите, пред патниците-намерници во рамките на тој културен туризам, вели Темелкоски.

Ако крајната цел на археологијата е пред пошироката јавност да го презентираме непроценливото културно богатство, во функција на туризам, последна фаза од таа презентација, би била конзервацијата. Со конзервацијата едно истражување или локалитетот треба да биде една целина за да ја раскаже приказната. Дури и кога не е со водич.

Архитектот-конзерватор Јованоски вели дека или добиваат петпати помалку пари, или тие стигнуваат во зима кога е невозможна конзервацијата. Конзервацијата се одложува, во меѓувреме културното наследство се оштетува, разградува.

– Но, ние имаме половични работи. За конзервацијата не се даваат, воопшто, доволно пари. На пример, ако побараме еден и пол милион денари, ние добиваме 300 000 денари, а тоа е речиси безначајно. Во тој случај, ако ја конзервираме Агората, многу значајниот објект во археолошкиот локалитет „Стибера“, ќе ја конзервираме, со тие пари, три-четири години. Што не е добро за еден објект. И прашање е дали ќе има доволно пари на крајот да се заврши со целосната конзервација, вели Јованоски.

Еве, за оваа година, вели, парите беа побарани за работа во август, но со ребалансите дојде ноември и декември, што, апсолутно, е промашен период за конзервација на културно наследство.

-Ако годинава била потребна една сума, в година ќе биде потребна друга, зашто сето ќе се разгради дотогаш. Тоа уште повеќе го поскапува објектот за конзервација. Имаме локалитети во Македонија со одлични мермерни наоди и стојат, се разградуваат. Лоша е ситуацијата. За среќа, во археологијата и случајот со „Стибера“ вредните движни наоди, како мермерни статуи, се прибираат. Но, целта е да се заокружи еден процес, смета архитектот конзерватор при прилепскиот Завод и музеј, Кире Јованоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.