Во организација на Српскиот културно информативен центар СПОНА, на 14-ти септември (среда), во кафе-книжарницата „Буква“ (со почеток во 19 часот), белградскиот писател, новинар и музичар Бранко Росиќ ќе го промовира својот трет роман „Доаѓањето на матадорот“, објавен летово во издание на издавачката куќа „Лагуна“ од Белград.
За „Матадорот“ една од хероините ја најдов на улица. Шетав низ градот Руан во Нормандија, и здогледав една убава питачка која беше толку убава што во секој момент комотно можеше да стане и да оди на некоја модна ревија. Се прашував што ја натерало една толку убава и млада девојка да капитулира и да се предаде на питачењето и на животот на бездомник. На стотина метри од таму било местото каде што жива била запалена Јованка Орлеанка. Зад аголот имаше големи демонстрации на „жолти елеци“…
И почнав да замислувам… Од таа бездомничка направив нова Јованка Орлеанка која ја тресе Европа, и на крај неа и нејзиното момче ги јаде самата револуција, што тие ја предизвикаа. Тоа е само дел од приказната… – открива Росиќ зборувајќи за својот најнов роман, за кој првичните реакции се фантастични.
Секако, актуелниот роман „Доаѓањето на матадорот“ не е единствената причина СПОНА да го покани и угости Бранко Росиќ во Скопје, а тој од срце да ја прифати поканата. Постојат работи што може да се подведат под „минат труд“…
Пред се, тука се неговите претходни книги: „За утре најавуваат конечно разведрување“, по која наскоро ќе се снима ТВ серија, и првиот роман „А така добро почна“, како и потсетување дека неговата панк група од 80-тите, „Урбана герила“ беше оазата од која во свет се „одметнаа“ и писателот Владимир Арсенијевиќ, и сликарот Урош Ѓуриќ, но и легендарниот Цане од „Партибрејкерси“…
Сепак, како што самиот знае да каже, Росиќ на пошироката јавност, особено во Македонија, најмногу ѝ е познат по неговото новинарско делување, особено по многу успешно вршење на функцијата заменик Главен и одговорен уредник на популарниот магазин „Недељник“.
Во биографијата на Росиќ еден детал блеска со посебен сјај. Тоа е медалот на Британската империја, добиен лично од кралицата Елизабета Втора, за промовирање и подобрување на културните врски меѓу Британија и Србија.
На промоцијата во „Буква“, која ќе ја води новинарот Иван Беќковиќ, освен за актуелниот роман на Росиќ, ќе се зборува и за неговите претходни книги, а посетителите бесплатно ќе добијат и примерок од магазинот „Недељник“, кој Бранко го уредува.
На промоцијата ќе бидат претставени и содржините кои се најдоа во актуелниот број на „Слово“, гласилото на СПОНА, двомесечник кој ги следи културните активности на Србите во Македонија.
Во случај временските прилики да оневозможат одржување промоција на отворено во „Буква“, алтернативен простор е во просториите на КИЦ СПОНА, ист ден, во исто време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.