Осдум претстави се во конкуренцијата за награди на 56. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржува од 3 до 11 јуни во Прилеп. Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерката Бедија Беговска, доајен на турскиот театар и драмскиот писател Русомир Богдановски, беше соопштено на денешната прес-конференција во Прилеп.
Фестивалот по две години се враќа во редовниот термин откако лани се одржа во октомври, а 2020-та пандемиска година беше без фестивалско издание.
Од 19 предложени претстави, селекторот Ивано Додовски се решил за осум. Тоа се претставите: „АртуроУи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, во изведба на Народниот театар од Битола; „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на ДраганаТаневска, во изведба на Народниот театар од Струмица; „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје; „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп; „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје; „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов, во изведба на Театар Комедија од Скопје; „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје и претставата „Се викам Горан Стефановски“ („My name is Goran Stefanovski“), во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмски театар од Скопје.
Според селекторот Додовски претставите сведочат дека театарот не престанал да ги истражува најсуштествените димензии на човекот – слободата и достоинството.
Од тој поширок пресек на домашната театарска продукција направена во година на продолжени епидемиолошки и други ограничувања, избрани се осум претстави. Тие ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Кога многумина помислуваат дека театарот замолкнал и дека не може да излезе накрај со камшикот на времето и со неправдите на локалните и глобалните силници, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството. Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас, изјави Додовски.
Катарина Коцевска Хаџивасилева, уметнички директор на фестивалот вели дека се многу помали средствата што се доделени од Министерството за култура, Фестивалот ќе понуди богата и квалитетна програма.
Откако денеска ја дознавме одлуката на селекторот, сега може да ја конципираме целосната програма, со придружните претстави и манифестации. Секако дека ќе се најдат претставите од Факултетите а набрзо ќе знаеме што дополнително ќе понуди Фестивалот кој се надеваме дека со нетрпение го очекува публиката, рече Коцевска Хаџивасилева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.