Големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица, Демир Хисар, што летово беше поставена во преубавиот Офицерски дом во Битола, доаѓа и во Скопје.

Од 22-ри ноември до 2-ри декември, скопјани ќе можат да се запознаат со дел од извонредното уметничко богатство на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од с. Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници, претставници од неколку континенти од 20 земји од светот.

Оваа поставка ќе биде завршен, од низата настани со коишто годинава, центарот го чествувше 20-годишното постоење. АРТ ПОИНТ – ГУМНО е визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003-тата до денес, на креативното гумно во селото Слоештица, продефилираа, ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет.

Организаторите изјавуваат дека „не случајно, завршниот настан по повод 20-годишниот јубилеј ќе се случи токму во Младинскиот културен центар, МКЦ – Скопје. Имено, една од заложбите на АРТ ПОИНТ – ГУМНО е да ги поддржи токму младите, талентирани творци, оние што се наоѓаат на почетоците од нивните кариери. Така, на изложбата, меѓу другите, ќе бидат изложени и дела од 20-тина млади уметници, некои од нив, денес се веќе етаблирани автори.“

Свеченото отворање на изложбата во МКЦ ќе се случи во среда, 22-ри ноември, со почеток во 20:00 часот. За активностите на уметничкото гумно ќе говори младата македонска писателка, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.