Архитектот Зорица Блажевска, професор при Архитектонскиот Факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е добитник на наградата за животно дело “Андреја Дамјанов” за 2022 година. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на Aрхитекти на Македонија (ААМ), како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството.
Творештвото на архитект Блажевска е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба.
Дипломираше на Архитектонскиот факултет, Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на професор Георги Константиновски (1971). Докторираше на тема Повеќе-семејната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството, под менторство на професор Георги Константиновски (1991), а беше и негов асистент на Архитектонскиот факултет, соработник и рамноправен партнер во низа клучни дела.
Професорката Зорица Блажевска на Архитектонскиот факултет во Скопје ја продолжи линијата на нејзините претходници, професорите Јован Ранковиќ и Георги Константиновски, но даде и еден личен поглед на проектот на Домувањето. Како професорка на Проектирање на станбени згради, како и на низа предмети поврзани со областа на домувањето, ја постави и разви темата на живеење во третото доба како дел од педагошкиот проект и како одреден општествен ангажман.
Низ развојот на својата кариера, архитект Зорица Блажевска се формира во творец со особен авторски пристап. Во периодот на транзитот на бруталистичката архитектура кон почувствителните регионални теми и отворањето кон плуралистичките тенденции на современиот свет, таа умешно ја задржува мерката на една длабоко човечна и просветена архитектура, што е видливо низ нејзините дела: Соборна Православна Црква, Струмица(1993 конкурс, прва награда), Дом за нега “Сју Рајдер“ (1996), Типски станови за социјално домување, (1999/2000, специјална награда), Урбанистички-архитектонски проект за дел од реонски центар Карпош 3, (2004, конкурсен проект, прва награда), Меморијален центар АСНОМ (2004, конкурсен проект, втора награда), Основно училиште “Димо Хаџи Димов“, Скопје (2004, конкурсен проект, прва награда), Дом за стари лица, Дузлак, Штип (2011, конкурсен проект), Типски решенија на семејни куќи (2015, конкурсен проект), Здравствен дом Охрид (2008, основен проект), Еко куќа, Бардовци, Скопје (2008).
Нејзината лична ориентација е на планот на колективното домување и живеењето во трето животно доба. Како ментор на престижниот меѓународен студентски конкурс ЕААЕ-АГ2Р за архитектура за трето животно доба, од 2004 (прва награда), дава своевидна платформа за просторните основи на третото животно доба. Овој проект се надоврза на комплексното истражување за можната екстензија на Геријатриската болница во Ѓорче Петров, Скопје, од продлабочената настава на Архитектонскиот факултет (1995) и резултираше во исклучителниот објект на Дом за нега “Сју Рајдер“ (1996). За тоа сведочат и Наградата за посебен придонес во архитектурата на град Скопје 1999-АСК, и Наградата за реализација на успешно архитектонско творештво со особен социјален и хуман карактер БИМАС 2000.
Зорица Блажевска работи во пресекот на праксата и теоријата, во сѐ потенката маргина на интелектуалноста на архитектонскиот проект, кој е се потесен, но и сѐ посуштествен за генерирање на идеите на архитектурата. Со нејзиното дело таа подари низа иновативни и осмислени типолошки поместувања на архитектонските задачи – во Домот за нега “Сју Рајдер“ даде начини за хумано згуснување на просторот, додека во проектот за Домот за стари во Штип, нов периметарски концепт на еден урбан блок. Она што дополнително ја издвојува Зорица Блажевска е нејзината педагошка работа. Денес се повеќе ја доживуваме архитектурата како еден материјален свет, материјален акт, од камен, тула, малтер, бетон, челик, стакло и финансии кои тоа го овозможуваат, но постои и еден подлабок план, план на идејата и уште подлабок, личноста која ја носи и отелотворува. Токму во тие длабоки корени се препознава личноста на професорот Зорица Блажевска. Нејзината дејност, покрај материјален отпечаток, е и несебично споделување на знаењето и учењето на архитектурата.
Со чинот на добивање на наградата “Андреја Дамјанов” за 2022 година, архитект Блажевска станува член на Академијата на Архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ. Свеченоста за доделување на наградата ќе се одржи на крајот на јануари, 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.