Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ ја објави книгата „W“ од Игор Штикс.

Книгата „W“ ја раскажува приказната на самиот Игор Штикс, левичарски интелектуалец кој по повеќе од дваесет и пет години се враќа на Јадранот за читањето на тестаментот на Валтер Штиклер, конзервативен француски филозоф кој под неразјаснети околности е убиен во Далмација. Таму ја среќава згодната активистка Теса Симон. Двајцата се запознаваат еден со друг во куќата на Валтер, но ги запознаваат и мистериозната историја за Валтер, кој од левичар од 1968 година станал водечки десничарски мислител, како и неговиот пријател Владимир, највлијателниот лев милитант, зад чиј терористички ракопис секогаш се крие доза иронија и кој продолжува да ги инспирира сите млади бунтовници на денешнината.

Приказната за Валтер и Владимир се отвора пред Игор и Теса како напнат политички трилер на современата историја на Европа кој нѐ води во сите делови на континентот. За да ги осознаат сите поединости и за да ги откријат тајните, тие двајцата мора да отидат во родниот град на Игор и Валтер, Сараево.

Најновиот роман на Игор Штикс е книга што буквално не се испушта од раце. Напишана во манирот на најдобрите скандинавски трилери, преполн интриги и пресврти, „W“ ни дава пресек на последните половина век на европската и светска левица, на нејзините борба, падови и застранувања.

Писателот и теоретичар Игор Штикс на наше големо задоволство беше еден од учесниците на Фестивалот BookStar 2022 каде беше претставена и неговата книга: „Сечилиште“. Во рамки на фестивалската програма, тој одржа и предавање на тема „Активистичка литература“ во просториите на КСП Центар Јадро.

Игор Штикс е роден во Сараево, во 1977 година. Живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Докторирал на Institut d’Études Politiques de Paris и на Northwestern University, а подоцна работел и предавал во Универзитетот во Единбург, на универзитетите во Грац, Љубљана, Сараево, како и на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград.

Заедно со Џо Шоу ги уредиле збирките „Citizenship after Yugoslavia“ (2013) и „Citizenship Rights“ (2013), а со Среќко Хорват, „Welcome to the Desert of Post-Socialism: Radical Politics after Yugoslavia“ (2015). Со Владимир Арсенијевиќ ја уредува едицијата „Заедничка читална“. Во Југословенското драмско позориште, претставата „Столот на Елијах“, во режија на Борис Лијешевиќ, освоила Гран при на БИТЕФ во 2011 година.

Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016), освои неколку регионални награди за најдобар текст, додека неговата драма „Зрењанин“ е изведена премиерно во Народниот театар во Зрењанин. Пишува проза, книжевна критика и есеи, за кои ги има добиено највисоките признанија.

Неговите дела се преведени на 15 јазици. За своите книжевни и интелектуални достигнувања доделено му е престижното француско одликување „Витез на уметноста и книжевноста“. Во 2017 година Штикс ја потпишал петицијата за заеднички јазик меѓу Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.