Овоштарите од Преспа утре од 10 до 12 часот ќе одржат протестен собир на местото викано „Макази“ и ќе го блокираат регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид.
Во изјава за МИА, членот на организацискиот тим, Љубе Пампулевски, истакна дека протестот е неизбежен затоа што Министерството за финансии не ги исплаќа преземените обврски кон преспанските овоштари.
Протестот го организираме затоа што сеуште не е исплатен надоместокот за предизвикана штета од невреме град и мраз во зимски услови од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година врз овошните насади. Веднаш сакам да истакнам дека ние имаме одлична соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ресорниот министер, но и покрај одлуката на Владата, за жал Министерството за финансии и по изгласаниот ребаланс во јуни, сепак овоштарите не ги добиваат своите пари – изјави Пампулевски.
Овоштарите од Преспа бараат итна средба со премиерот Ковачевски и министерот Бесими за надминување на проблемот во пресрет на бербата на јаболката која почнува за еден месец.
Овоштарите се во тешка состојба. Имаме кредити кон домашните банки, извршители често се пред нашите врати, а дополнително на тоа се зголемуваат трошоците за енергија, нафта и нафтени деривати, земјоделски ѓубрива, како и други финансиски проблеми кои единствено можеме да ги решаваме доколку Министерството за финансии ги исплати средствата – нагласува Пампулевски.
Оганизаторите на протестот на преспанските овоштари и блокадата на регионалниот патен правец Битола-Ресен-Охрид кај местото викано „Макази“, посочуваат дека протестот е уредно пријавен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.