Фактот што сите информации се достапни за граѓаните на дневно ниво, бидејќи Владата на дневно ниво го објавува производството на електрична енергија и како функционираат сите производствени капацитети, покажува дека не треба да бидат загрижени. Сепак има денови како денеска или вчера кога се прави увоз на електрична енергија со цел да се задоволат потребите на регулираниот пазар што е обврска на ЕСМ, порача премиерот Димитар Ковачевски.

Тоа, како што рече, е поради малиот дефект на еден од блоковите во РЕК Битола.

-Во РЕК Битола имаше протекување на една цевка од еден од блоковите, но вработените работат на негова санација. Третиот блок не е во функција заради тоа што уште од минатата година беше изгорен трансформаторот. Тој трансформатор е направен и веќе се покажани слики дека е тргнат од фабриката во Турција, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на договор со турската компанија „Текнопанел“ за инвестиција во ТИРЗ Скопје.

Тој посочи дека транспортот од Турција е малку покомплициран бидејќи се работи за товар од 240 тони што не може да го помине мостот на граничниот премин Ипсала меѓу Турција и Грција.

-Од таа причина транспортот е комбиниран со специјално товарно возило, па со брод до Солун и од Солун повторно со возило кое е со 10 осовини и ќе стигне до РЕК Битола. Благодарение на добрите односи со грчката Влада веќе ги обезбедивме транспортните дозволи и се очекува до 22 ноември трансформаторот да пристигне до РЕК Битола и да се изврши монтажа и со тоа да се пушти и третиот блок во функција, појасни Ковачевски.

Нагласи дека во ТЕЦ Неготино се прави редовен ремонт на генераторот, но како што посочи, и поради високата цена на мазутот оваа електрана би произведувала струја со поскапа цена отколку што во моментов е на берзите.

-Сепак стручните екипи на ЕСМ, вклучително и сите експертски тимови кои ги има во државава и универзитетски професори се на терен и работат на ставање во потполна функција на сите капацитети во државата. Затоа граѓаните не треба да се грижат. Како што беше во целата измината година, така е и сега. Финансиски средства се обезбедени за набавка  на струја која недостасува во овие денови, рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.