Заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи придружуван од Џемаил Чупи, министер во Владата задолжен за дијаспора, Стојан Витанов, генерален конзул на Република Македонија во Венеција и Мунир Шемши, претседател на италијанско-македонската комора „Апи Нордест“, денеска остварија средба со италијански претставници на локалната самоуправа на Венеција и регионот Венето.
Средбите се дел од дводневната работната посета на делегацијата на Република Македонија на Република Италија, чија цел е промоција на првата македонско-италијанска стопанска комора, „Апи Нордест“.
На средбата, префектот на Венеција Виторио Запалорто, посакувајќи срдечно добредојде, изрази задоволство од укажаната можност да биде домаќин на високите гости од Република Македонија со кои разговараше за идната регионална соработка и економски развој помеѓу земји коишто имаат традиционално добри односи.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека ова е прва економска делегација по долго време во Венеција подвлекувајќи дека Италијанската Република е една од првите десет земји со кои Македонија има интензивна трговска соработка.
Тој посочи дека во пост КОВИД периодот се покажа неопходноста од капитализирањето на целиот потенцијал на економиите на европските земји и изрази задоволство од извонредната економска и културна соработка со Италија, која беше повторена и неодамна при прославувањето на денот на Италијанската Република во нашата земја.
Претставниците на Делегацијата на Македонија истакнаа дека само во регионот на Венето живеат и работат 25.000 наши граѓани и беше изразена надеж дека дел од оваа бизнис заедница во иднина ќе најде интерес за инвестиции и соработка со матичната земја.
Во рамки на посетата на Италија, македонската делегација предводена од вицепремиерот Битиќи се сретна и со Елиза де Берти, заменик-претседателка на регионот Венето.
На средбата, беше изразена континуираната одлична соработка меѓу Италијанската Република и Република Македонија, при што од страна на двете делегации беше подвлечено дека најдобар доказ за тоа е тоа што италијанските компании се меѓу првите пет инвеститори во нашата земја.
Министерот за дијаспора Чупи посочи дека Владата на Република Македонија е посветена на мапирање на нашата дијаспора, вклучувајќи ја економската и академската дијаспора, со цел обновување и зацврстување на нашите врски и обезбедување подобар економски развој за граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.