Проевропските политики значат и политики на одговорно однесување кон потребите на граѓаните и активно сме посветени и на овој план, паралелно со евроинтеграцискиот процес“, посочи премиерот Ковачевски, во обраќањето пред пратениците во Парламентот, од кои ја побара поддршката, Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа.
Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека грижата за граѓаните и компаниите, Владата ја покажа со донесените мерки за помош и поддршка, во услови на глобалната енергетска и економска криза.
Тоа го покажавме со сите политики и сетови на мерки што ги донесовме, вклучувајќи го и новиот сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, насочен кон најранливите категории граѓани и компаниите, во вредност од околу 360 милиони евра. Овој сет мерки е продолжување на напорите коишто Владата во континуитет ги презема од почетокот на енергетската и ценовната криза.
Со цел да се забави преносниот ефект од увезената инфлација врз домашните производи, во март 2022 година донесовме Пакет од 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите, проценет на околу 400 милиони евра, а беа предвидени и мерки за мобилизирање капитал од приватниот сектор, односно од комерцијалните банки, со далеку поголеми севкупни ефекти. Ја продолживме и мерката за субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, што се однесува на 611.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи, фирми, коишто вработуваат 98 проценти од вработените во државава.
Исто така, во услови на незапаметената економска и енергетска криза, во мандатот на оваа Влада минималната плата е покачена на 18.000 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика просечната месечно исплатена бруто-плата по вработен, во август 2022 година, изнесува 47.691 денар. Новата методологија за пресметување на пензиите, којашто предвидува континуиран раст согласно трошоците за живот и просечната плата даде резултат и за една година, пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти, што не се случило никогаш порано. Неспорен факт е дека растат и цените, но она што е факт е дека токму во незапаметената економска и енергетска криза во поновата историја, ние успеваме да качуваме и плати и пензии и да помагаме на ранливите категории граѓани и на стопанството“, рече премиерот Ковачевски.
Тој укажа дека е ова направено со одговорни политики.
Во ова успеваме со заштеди – преку намалените буџетски трошења и преку обезбедени финансирања под каматните стапки актуелни во Европа, бидејќи ја имаме довербата од кредиторите, како држава членка на НАТО и идна членка на Европската Унија. Во завршна фаза се преговорите со Европската Комисија којашто веќе одобри сума од околу 1 милијарда евра за помош на земјите од Западен Балкан, а од ММФ на државава ќе и бидат одобрени 530 милиони евра, од коишто уште оваа, 2022 година, може да се повлечат 110 милиони евра за буџетска поддршка и подобрување на ликвидноста на Буџетот. Струја има доволно на регулираниот пазар во моментов за сите домаќинства и мали и средни компании, при што обезбедуваме покривање на потребите за производство на електрична енергија од домашни капацитети, а во тек се и нови инвестиции во енергетиката“, додаде премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, нагласи дека интеграциите на државата и доброто менаџирање на Буџетот даваат резултати.
Добро менаџирање значи ефикасно користење на средствата, односно создавање од нив дополнителна вредност и секој кој може да придонесе во овој процес е значаен“, рече премиерот Ковачевски, на седницата за избор на новиот министер за локална самоуправа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.