Тим на Народната банка, предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се сретна со членовите на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Жак Минијан, кои деновиве е во посета на нашата држава. На состанокот присуствуваше и резидентната претставничка на ММФ во земјава, Стефани Ебле.
Како што информираа од НБ, на средбата стана збор за актуелните макроекономски остварувања во земјата, како и за очекувањата и проекциите на Народната банка за следниот период.
Шефот на Мисијата на ММФ, Минијан, истакна дека Народната банка има преземено навремени и соодветни мерки коишто придонесуваат за одржување на финансиската и ценовната стабилност. Затегнувањето на монетарната политика дава резултати, што може да се види од забавувањето на инфлацијата. Сепак, со инфлација којашто сѐ уште е висока и тука, и во странство, треба да се биде претпазлив, со што целосно се согласува и гувернерката. Од друга страна, ММФ ги пофали макропрудентните мерки преземени досега, коишто ја зголемуваат отпорноста на банкарскиот систем на можни ризици. ММФ го оценува банкарскиот систем како здрав и отпорен, со доволен капацитет за справување со можните шокови. Сепак, неизвесноста постои и од клучно значење е да се продолжи со водењето претпазливи политики, се наведува во соопштението.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, од своја страна, се осврна на мерките преземени досега од страна на централната банка, преку затегнување на монетарната политика и системските мерки за зголемување на отпорноста на банкарскиот систем. Притоа, таа посочи на трендот на забавување на инфлацијата, постепеното стабилизирање на инфлациските очекувања, поволниот девизен пазар и сѐ поголемата денаризација на депозитната база на банките, како показатели за ефектите од досегашните мерки.
Билансите на нашите банки се солидни, високо капитализирани и ликвидни и со солиден квалитет на кредитното портфолио. Сепак, и натаму е неопходно будно следење на состојбите и претпазливост, нагласи Ангеловска-Бежоска, истакнувајќи дека банкарскиот сектор и натаму е стабилен.
Во однос на макроекономските проекции на Народната банка, се додава во соопштението, беа истакнати очекувањата за стабилизирање на економскиот раст и умерено забрзување на среден рок, како и за постепено забавување на инфлацијата.
Притоа, се разговараше и за ризиците за проекциите коишто главно произлегуваат од надворешниот сектор, како и за неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, беше посочено и на растот на платите, а особено на соодносот со растот на продуктивноста, како елемент што треба внимателно да се следи. Девизните резерви и натаму се соодветни и овозможуваат непречени монетарни реакции заради остварување на основната цел ‒ ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот. На средбата беше изразено задоволство од постојаната соработка помеѓу Народната банка и ММФ, наведуваат од Народната банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.