Плаќањата се повеќе стануваат безготовински. Според Светска банка, во глобални рамки, две третини од возрасното население врши дигитални плаќања, притоа 95 проценти во развиените економии, а 57 проценти во економиите во развој. Трендот на сè поголема дигитализација е присутен и кај нас, поточно 74 проценти од возрасните вршат дигитални плаќања, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на отворањето на конференцијата за плаќања и пазарна инфраструктура којашто започна денеска во виртуелен формат.

Како што посочи гувернерката, анкета на Народната банка покажува дека нашиот банкарски систем посветува сè поголемо внимание на инвестирањето во нови технологии и обезбедувањето нови начини на плаќање.

Гувернерката ги истакнала заложбите на Народната банка за поставување на темелот за побрзо продирање на иновациите во финансиите посочувајќи ги значењето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи Портата за иновации како платформа за дијалог со финтек-секторот, како и првата национална Стратегија за финтек-секторот којашто наскоро ќе биде донесена. Притоа, укажала и на важноста на среднорочниот проект на Народната банка за истражување на придобивките што може да ги донесе дигиталната валута за македонскиот платен систем и пошироко за целокупната економија, но и за ризиците што може да ги наметне за финансиската стабилност и монетарната политика.

Според гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, платежните услуги и мрежата на пазарни инфраструктури стануваат сè пософистицирани.

Ова ни кажува, на мое задоволство, дека ние како општество се развиваме. Да бидеме вредни и креативни, меѓусебно да си помагаме и да работиме на заеднички интерес и меѓусебна соработка и хармонија. Ништо не е невозможно за оние кои работат неуморно и посветено – нагласила Табаковиќ.

Директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, посочила дека она за што треба да се залагаме заедно додека се движиме кон просперитетна иднина за дигитални плаќања е одржувањето силна и безбедна инфраструктура.

Мора да обезбедиме пристап до плаќања во сè подигитален свет и конечно, треба да ги зајакнеме европските и глобалните плаќања во динамично меѓународно поле – нагласила ван Дијк.

Конференцијата денеска продолжува со попладневна панел-дискусија на експерти од Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Европската централна банка и Народната банка, наменета за предизвиците и можностите на глобалниот бран во користењето на дигиталните плаќања.

Меѓународната конференција, годинава се одржува по 14 пат во организација на Народната банка и со поддршка на Централната банка на Холандија. Конференцијата под наслов „Просперитетна иднина на дигиталните плаќања“ ги опфаќа предизвиците и можностите за дигитални плаќања и иновациите коишто ја зголемуваат конкуренцијата во платните системи и нови форми на банкарско работење со примена на отворено банкарство, но истовремено создаваат и потреба за повисоко ниво на безбедност на плаќањата и заштита на податоците, како и зајакната проверка на податоците на клиентите.

На конферецијата ќе стане збор и за дигиталната валута на централните банки, што според најновото истражување на Банката за меѓународни порамнувања, е иднината во работењето на централните банки ширум светот на краток или среден рок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.