Српската Влада денеска на седница треба да ја донесе одлуката за тргање на забраната за извоз на пченица во земјава. Според српските комори, земјава ќе увезе 100 000 тони лебно жито, иако поднесеното барање беше за 50 000 тони.

Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на брифинг со новинарите, тој утрово веќе контактирал со српскиот колега Бранислав Недимовиќ, а и премиерот Димитар Ковачевски разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Веднаш штом биде крената „рампата“, увозот може да почне. Очекувам дека одлуката ќе биде за околу 100 000 тони, односно да се реализираат сите склучени договори – подвлече Николовски.

Во врска со увозот на бугарска пченица што Николовски го најави од Берлин по средбата со бугарскиот министер за земјоделство Иван Иванов, дополнително, рече, ќе се договараат моделите и инструментите.

Тргањето на забраната за пченицата, пченката, рафинирано и нерафинирано масло за јадење го потврдија сите чинители. Со српскиот министер за земјоделство цело утро комуницираме зашто одлуката е на дневен ред на денешната владина седница, а и нашиот премиер разговараше со претседателот Вучиќ. Забраната ќе биде тргната денеска и верувам дека веднаш ќе може да се реализираат сите договори на нашите компании со извозниците од Србија – истакна Николовски.

Тој информира дека следната недела ќе замине во Турција каде е планирано да разговара за дополнителни количини минерални ѓубрива кои ќе бидат потребни, нагласи, не за сега, туку за есенската сеидба.

Во вакви тешки околности, правиме се што можеме. Носиме интервентни мерки кои треба да го стимулираат, одржат и зголемат домашното производство. Обезбедуваме и дополнителна финансиска поддршка, а предвидено е и објавување огласи за распределба на земјоделско земјиште, зелена нафта, развојни субвенции за остварен принос. Повикувам сите да се вклучат – политички чинители и партии, претставници од науката, заедно да ги креираме меркте и политиките – подвлече Николовски.

На прашањето дали може да се очекува поскапување на зејтинот, министерот одговори дека во земјава има доволно залиха, а и се правата максимални напори за обезбедување зголемена финансиска поддршка за договорно производство на сончоглед, како и за зголемување на површините, приносот и количините.

Лично се ангажирав, двапати ја обиколив цела држава во овие два месеца, вклучувајќи ги и трговците. Сметам дека има доволно залихи, како што кажа и претставникот на „Витаминка“ кога бевме во посета на Штип. Сите можеби на некој начин очекуваат што ќе се случи, а имаат доволно залиха – истакна Николовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.