Капка во морето се олеснувањата што ги најави владата за поставување фотонапонски централи на куќи, згради и погони, со измените на Законот за градба, велат експерти што ги консултираше „Плусинфо“. Според нив, владата не изменила ништо во однос на фактичката состојба со поставувањето фотоволтаици, а забележуваат и на дозволената моќност, која, како што велат, е мала за да биде исплатлива инвестицијата, како за граѓаните така и за компаниите.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски како клучна измена ја издвои таа според која на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи.
Професорот Константин Димитров вели дека фактички нема никакво олеснување во постапката.
Ако треба секој што сака да постави фотонапонски централа на покривот да достави основен проект, кој е составен од три други проекти коишто треба да се контролираат, тоа значи дека ништо не е олеснето. Има и низа други бариери кои непотребно се ставени, а кои ги дестимулираат инвеститорите, вели Димитров.
Тој смета дека и одлуката да се дозволи вакви централи да бидат со јачина од 6 односно 40 киловати е неприфатлива.
Не треба да се ограничува моќноста. Треба да се дозволи граѓаните и стопанските субјекти да поставуваат централи со моќност што би им ја дозволила електродистрибуција. Само така граѓаните и фирмите ќе имаат корист од поставувањето фотонапонски централи. На пример, ако електродистрибуција ти дозволила да можеш да трошиш 120 киловати, коректно е да можеш да вложиш во централа со толкава јачина. Само така вложувањето ќе биде исплатливо. Со 6 киловати не е исплатливо. Дополнително, треба да се подготвува само еден електропроект. Владата мора да се откаже и од ДДВ на опремата за производство на електрична енергија од сонце, но и да ги субвенционира овие вложувања. Се најавија субвенции, но нив никаде ги нема. Не знам што се чека, вели Димитров.
Тој објаснува дека државата има само корист од вложувањето во што поголем број вакви централи и од дополнителната струја во системот што нема да мора да ја купува.
Но, ваквите вложувања ќе го намалат профитот на компаниите кои увезуваат струја. Веројатно и ЕВН е против тоа, како и сите други електродистрибутивна компании. Сепак, државата треба да го гледа својот интерес и во овој случај, додава Димитров.
Целата сторија на „Плусинфо“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.