Нафтената компанија „Пуцко Петрол“, еден од најголемите добитници на државни зделки за снабдување со нафтени деривати, влегува во скопски „Бетон“, објави денеска Фактор . Порталот оваа информација ја добиле од неколку неофицијални извори.
„Република“ во текот на вчерашниот ден побара официјален одговор дали е точна оваа информација, но оттаму истата беше демантирана.
Не е точно дека „Пуцко Петрол“ влегува во Бетон – изјавија од нафтената компанија.
Според податоците за компанијата објавени на Берзата, „Бетон“ минатата година ја завршил со огромна загуба од 12,4 милиони евра или близу 760 милиони денари.
Ова следува откако во 2020 година градежната компанија имала минимална добивка од околу пет илјади евра, додека, пак, во 2019 година добивката изнесувала 639 илјади евра. Ова значи дека низ текот на годините работењето на „Бетон“ Скопје одело се повеќе во зоната на негативата, за лани да заврши со неславна бројка на загуба од 12,4 милиони евра. Во минатата година значително се намалени и вкупните приходи од редовните активности на компанијата.
Во акционерската структура на „Бетон“ доминира познатиот бизнисмен Минчо Јорданов. Според податоците на Ценгтралниот депозитар за хартии од вредност, најголем поединечен акционер на „Бетон“ е REPRO ONE LIMITED, која поседува 22,22 отсто од акциите, ARROWCREST LIMITED располага со 19,94 проценти, РЖ Техничка контрола АД има 5,04 отсто, додека, пак, WOLLES TRADING CORP има на располагање 21,34 проценти од акциите.
Инаку, „Пуцко Петрол“ е компанија основана во 1991 година, а работи на трговија на големо, со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи.Според Клуб 200, „Пуцко Петрол“ во 2019 година имала приход од 46,4 милиони евра, и раст на приходот од 13,48 проценти. Нејзината добивка во таа година изнесувала 2,8 милиони евра. Компанијата има 164 вработени. Сопственик на „Пуцко Петрол“ е Асмир Јахоски, син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и сегашен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.