Здружението на инженери на Македонија денеска информира дека е поднесена претставка до надлежните институции за одлуката за концесија за хидроцентралата Чебрен.

Претставката ја поднесовме поради сомневање дека со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река се направени бројни суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со кои се загрозуваат суверенитетот, територијалната целина и основите на економските односи определени со Уставот, како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката согласно одредбите од Законот за одбрана, се вели во соопштението.

Здружението на инженери очекува надлежните органи да постапат по претставката и да го замрзнат процесот за потпишување на договор за јавно-приватно партнерство сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања.

Преставката, како што стои во соопштението, е испратена до Уставниот суд, Државното правобранителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Јавното обвнителство и Бирото за јавни набавки.

Од Здружението на инженери сметаат дека проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен по пат на јавно – приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој е веројатно најзначаен во овој век.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.