Почна увозот на странски работници и во земјоделскиот сектор. Претседателот на Собрание на Организација на работодавачи, Ангел Димитров за МИА потврдува дека работници од Индија се пристигнати на фарма и во млекара во Свети Николе. Станува збор за ниско квалификувана работна сила. Посочува дека сопственикот на млекарата и фармата е задоволен од работниците од Индија. За нив има обезбедено сместување, храна, плата, здравствени прегледи, визи и тоа се едни од условите, за да овие работници дојдат и работат, во овој сектор.
Пополека почнува да се примаат работници од странство, има нешто во земјоделието, кај нас на пример има дојдено во млечната индустрија од Индија, во градежништото веќе одамна има работници од Турција и далечниот Исток. Така да мислам дека овој процес во иднина ќе биде многу јак, затоа што се појавуваат многу основани Агенции, кои сакаат со тоа да се занимаваат и да им биде тоа бизнис, вели Димитров.
Забележува дека нема логика да се плаќаат странските работници пониско во однос на нашите работници. Прашан дали и во текстилниот сектор увозот на странски работници ќе стане реалност во текот на наредниот период, Димитров со одговор дека очекува ова да стане реалност за три до четири години.
Затоа што овие години доста голем број на работници одат во пензија, за нив немаме замена од наши млади работници од Македонија. Така да тоа останува единствен излез ако сакаме да го задржиме сегашниот буџет, фондовите да ги полниме. Во спротивно паѓаат сите овие параметри и многу негативно ќе се одрази не само на економијата, туку и како држава, вели Димитров.
Смета дека Законот за вработување на странски работници е комплициран и има квоти за вработување. Димитров вели дека токму поради ова мора да се либерализира овој Закон за да може да се увезуваат странски работници како сезонски и во земјоделскиот сектор. Во моментов најголемиот број на странски работници се во градежниот сектор, кои работат на изградба на патишта, но и на станбени згради.
Сите големи странски градежни компании кои градат во Македонија најголем дел од работниците го обезбедуваат од надвор. Јас мислам дека исто ќе се случи и со сега најавуваните гради на автопатиштата. Затоа што е факт дека Македонија нема работна сила. Ние имаме фиктивен број на невработени, кои во суштина не сакаат да работат, особено не во овие гранки, какошто е земјоделието, градежништото, текстилот итн, додава Димитров.
Посочува дека во овој дел нашата земја е назад во однос на соседните држави и на Балканот.
Да ги спомнеме Србија, Бугарија предничи пред нас, дури и една Босна вработува повеќе странци, отколку ние што вработуваме, да не зборуваме за Хрватска каде што цели населби имаат и да речеме имаат над 20.000 луѓе вработени од Непал, вели Димитров.
Прашан до каде се дебатите за носењето на Законот за работни односи, Димитров за МИА вели дека деновиве во Охрид ќе има една таква дебата, на која ќе има и странски екпсерти. Очекува кон крајот на годината овој Закон да влезе во Собранието, а во моментов какошто вели синдикатите вршат притисок и водат дебати за платите во јавниот сектор и за Колективниот договор во овој сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.