Денеска, на Земјоделскиот ИнститутСкопје, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски, ректорот Јанкуловски, директорот на институтот, Ѓамовски, деканите на сродните факултети и директори на институции, беше промовирана новата софистицирана опрема за ген банката сместена во просториита на Земјоделскиот Институт. 

Европската Унија е наш партнер и докажан пријател. Сите овие години, токму со финансиската поддршка од ЕУ фондовите, во агросекторот беа реализирани многу проекти за модернизација на земјоделскиот сектор. Еден од нив е ИПА проектот за модернизација на националната ген банка, со вкупна вредност од 210.000 евра, наменети за набавка на нова софистицирана опрема.

Растителниот генетскиот материјал на националната ген банка во Република Македонија, се чува во четири научно-истражувачки институции, овластени од страна на МЗШВ- Управа за семе и саден материјал, а Земјоделскиот Институт е една од нив со најголема колекција на генетски ресурси.

„Со новата опрема, за прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки. Стандардизираните процедури за серолошки и молекуларни анализи, овозможуваат контрола на здравствената состојба на семенскиот материјал и утврдување на генетскиот идентитет на молекуларно ниво, со што се отстранува секаква субјективност од страна на лицето што го врши визуелниот преглед и најточно може да се утврди здравствената состојба и сортната чистота. Дополнителна придобивка за државата е и тоа што со оваа нова опрема се овозможува  испитувањата кои порано биле вршени во други земји (молекуларно испитување на автохтони популации грав во Словенија, на популации пиперка во Словачка, испитување на сорти и клонови на автохтоната винска сорта Станушина во Словенија), сега да бидат изведени во матичната институција, каде и се чува семето, со што ќе се зголеми ефикасноста и намалување на трошоците за овие анализи“ изјави министерот Николовски.

Со новата опрема се зголемува постоечкиот капацитет на чување на семенскиот материјал од автохтоните македонски сорти и популации од голем број на растителни видови, како на активната колекција, така и на колекцијата наменета за подолготрајна конзервација, во строго контролирани услови кои одговараат на европските стандарди. Исто така, со новата опрема за манипулација на семето, се овозможува побрза и подобра проверка на квалитетот на добиеното семе што се подготвува за конзервација, како негово чистење од надворешни примеси, проверка на ‘ртливоста и влагата.

„Зачувувањето на сортите во ген банките е од големо значење за зачувување на растителниот агробиодиверзитет на нашата земја. Сортите на земјоделски растенија често имаат длабоки историски и културни врски со одредени рурални средини. Затоа зачувувањето на тие сорти претставува и одржување на културата, традициите и идентитетот на тие селски заедници. Дополнително, автохтоните  сорти или стари одомаќинети сорти, во текот на годините се прилагодиле на различни болести и климатски услови. Овие сорти во науката претставуваат сериозен извор на генетски материјал за селекција на нови сорти, отпорни на болести и штетници и адаптабилни на климатските промени. На овој начин се овозможува обезбедување на производство на храна на разни климатски и теренски услови“ потенцираше Николовски.

Автохтоните сорти имаат големо значење и за руралната економија, преку генерирање на приходи на земјоделските производители кои ги промовираат и произведуваат овие сорти.

 

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање го потенцираше значењето на новата опрема со која се подига нивото на научно истражувачката дејност во сите четири институции каде се чуваат рефрентни примероци од растителен генетски материјал. Исто така тој посочи дека ова е многу значајно и за одржливо земјоделско производство и за обезбедување на квалитетно и стабилно производство на храна.

Во ген банката на Институтот, се чуваат референтни примероци, регистрирани на националната сортна листа, меѓу кои има и автохтони сорти и популации, како што се семе од доматите „скопски јабучар“ и „воловско срце“, пиперката „куртовска капија“, популации од везен пипер, популации од „тетовскиот грав“, „дебарската луцерка“ и голем број сорти пченица.

Ректорот Јанкуловски посочи дека ова е голем напредок за науката во нашата држава и  со вакавата софистицирана опрема националната ген банка се издига на нивото на светските ген бенки.

Во моментов, во ген банката на Земјоделскиот институт  се чуваат 721 примерок од 43 ботанички вида од кои 417 житни, 202 градинарски,  77 фуражни и 25 индустриски примероци. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO.

Директорот на Земјоделскиот институт, Ѓамовски искажа искрена благодарност за новата опрема, посочувајќи дека институтот е најстарата научна иституција која следната година ќе слави 80 години постоење, а со ваквата опрема со која се модернизира ген банката, институтот ќе се вброи во листата на институции со  најсовремени лаборатории за испитување на квалитетот на семенскиот материјал.

„Овие семиња кои се чуваат во нашите ген банки, се нашиот идентитет, нашата историја, нашата традиција на одгледување на автохтони македонски сорти кои најдобро успеваат во овие климатски услови и кои во себе го имаат втакено и нашиот македонски код наследуван од генерација на генерација. Токму затоа, ген банките се од исклучително значење, тие се нашата ризница, нашето национално богатство кое го чува минатото но и иднината на македонскиот растителен биодиверзитет“ подвлече Николовски.

Министерот Николовски, ректорот Јанкуловски, директорот Ѓамовски и сите вработени во Земјоделскиот институт упатија, голема благодарност до евроамбасадорот Гир и Делегацијата на Европската Унија за набавката на нова современа опрема, со која помогнаа да ги постигнеме европските стандарди во нашите национални ген банки.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.