Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска реализираше исплата на директните плаќања за користен сертифициран семенски материјал за сите полјоделски култури, освен тутунот.
Вкупната вредност на исплатата изнесува 232.2 милиони денари, кон 8.435 корисници.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства кои пријавиле употреба на сертифициран семенски материјал за производство на пченица, јачмен, пченка, рж, овес, тритикале, хељда, сирак, суданска трева, просо, хмељ, лен, леќа, кикирики, памук, анасон, шеќерна репка, соја, сончоглед, маслодајна репка, добиточна репка, афион, фацелија, граор, еспарзета, добиточен грашок, наут, луцерка, и ориз.
Преку оваа подмерка се поттикнуваат полјоделците да употребуваат сертифициран семенски материјал, инвестирајќи во квалитетен род и зголемен принос. Реализацијата на исплатата за оваа подмерка доаѓа навремено во период кога актуелна е и жетвата на житните и индустриски култури, што дополнително ќе ги помогне земјоделците во трошоците.
Земјоделците оваа година се сведоци на наврменеа исплата за сите директни плаќања предвидени од програмата. Навремено уште на почетокот од годината беа исплатени и основните директни плаќања за полјоделски култури, што заедно со исплатата на оваа поддмерка достигнува до 650 милиони денари поддршка за овој сектор.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека во наредниот период реализирана ќе биде и финансиската поддршка за предадени житни и индустриски култури во домашни преработувачки капацитети како и исплатата за произведени и предадени овошни и градинарски култури.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.