Исполнивме уште еден даден збор пред земјоделците. Реализирана авансната исплата на 30% од основните субвенции за 2023 година. До сметките на 54.055 земјоделци исплатени се вкупно 752.192.865 денари.

Авансна исплата е реализирана до 22.562 производители на житни култури, за мерката 1.1, во вредност од 403,7 милиони денари. Производителите на житни култури добиваат авансна исплата од 6.000 денари по хектар.  

Кон 9.155 земјоделци од мерката 1.4 за градинарско производство, реализирана е авансна исплата во вредност од 65,3 милиони денари. Секој земјоделец производител на градинарски култури добива авансна исплата од 10.000 денари по хектар.

За земјоделците од мерката 1.8 овошни насади исплатени се 131,8 милиони денари до 9.462 земјоделци. Поддршката по корисник кај оваа мерка изнесува 12.000 денари по хектар.  

Кон 12.876 лозари исплатени се 151,2 милиони денари за мерката 1.12. Поддршката по корисник кај оваа мерка изнесува 12.000 денари по хектар.  

Авансната исплата на субвенциите е нова можност за земјоделците, која доаѓа од новиот модел за субвенционирање, што го подготвивме заедно со земјоделците, а стартуваше со примена од оваа 2023 година. Модел кој на земјоделците им гарантира навремена исплата на субвенциите, поголема поддршка и мотив за зголемување на домашното производство. Модел кој ги насочува земјоделците да го произведуваат она што е стратешки важно за државата, а домашното производство да заврши во домашните капацитети, или за сопствени потреби во подготовка на финален производ.

Дополнително ги информираме и млекопроизводителите дека успешно е реализирана исплатата на премиите за произведено и предадено млеко за фазите октомври – декември 2022 и јануари – април 2023 година. До сметките на 4.311 млекопроизводители исплатени се 277,9 милиони денари. Вредноста на премијата изнесува 5 денари за литар произведено и предадено кравјо млеко и 6 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.

2023 година ја заокружуваме со убави вести за земјоделците. Како министерство продолжуваме и во следната 2024 година посветено да работиме во интерес на земјоделците и заедно со нив да креираме мерки и политки за уште поголем развој на македонското земјоделство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.