Пелагониските млекопроизводители се жалат дека и во услови на млечна криза и недостиг на млеко, државата заборави на нив и речиси две години ги остави без субвенции. Велат дека се на работ на егзистенција и доколку веднаш не им биде исплатена државната помош, се принудени да ги продадат кравите.

Сега сме на праг на прибирање на сточната храна и есенската сеидба. Ако сега не ги добиеме субвенциите до крајот на месецот, има сточари кои не можат да соберат храна и не можат да посеат никаква житарица, наредната година ќе биде уште полоша – вели Тони Петковски, претседател на здружението на млекопроизводители „Пелагонсико поле“.

Поради недостигот на млеко и преполовениот сточниот фонд, Македонија ќе се соочи со уште подлабока млечна криза, а цените и натаму незапирлив растат, додека откупната цена на млекото е неисплатлива, велат сточарите.

Еден лек е 500 денари, а килограм кашкавал е 800 денари. Малопродажната цена е висока, а откупната цена е од 23 до 28 денари. Во многу наврати апелиравме дека малите производители ги продаваат кравите, ама Владата тоа не ја интересираше. Сега најавуваат млечна криза, ама нема од кај да купиме млеко, затоа што секаде е проблемот голем – вели Петковски.

Сточниот фонд се намалува затоа што ниски се цените на млекото, а сточната храната е скапа. Да ни се исплатат субвенциите, за да можеме да прибериме храна за стоката, вели Илче Чокузовски, сточар од село Трн.

Млекопроизводителите велат дека се во исклучително тешка состојба, поради што бараат Владата до крајот на месецот да им ги исплати заостанатите субвенции, во спротивно најавуваат радикални простести со блокади на патишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.