Иднината во која веруваме мора да дојде преку промени. Длабоки и брзи, затоа што реалноста станува се потешка и потешка од ден на ден. Главниот удар врз народот се инфлацијата, ниските плати, а високите цени на производи. И сите оние од власта кои велеа дека покачувањето на цената на струјата било симболично и дека го спасиле народот од огромно покачување, и затоа треба да бидат среќни и задоволни од постојното, нека ги прашаат домаќинствата, нека ги прашаат граѓаните кои ја добија сметката за струја за последниот месец. Ако плаќале 8 илјади денари минатиот месец, овој месец таа изнесува повеќе од 14 илјади денари. Ако плаќале 6 илјади денари, таа сега е повеќе 9 илјади денари. И не е само струјата за домаќинствата, поради негрижата на владата можно е покачување и на цената на водата, затоа што повисоката цена на струја предизвика зголемени трошоци за снабдување на водата која неминовно може да доведе до покачување на нејзината цена која на крајот повторно поради неспособната Влада ќе ја плати народот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето денешно обраќање на регионалниот отчет на градоначалниците во Битола насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мицкоски прашувајќи се што прави владата истакна дека таа глуми преговори со некои здруженија, новоформирани организации и симулира социјален и економски дијалог, во исто време кога во Собранието директно ги одбива предлозите за покачување на пензиите на пензионерите, платите на наставниците и останатите вработени во јавниот сектор. И симулирајќи некакви наводни преговори со наклонетите здруженија по некоја недела ќе се прочита постигнат е договор за некакви банални барања во кои ќе се има гол популизам, но не и вистинско решение.

Во Собранието се расправа за измени на законот за наставници, закон кој не предвидува зголемување на платите туку давање на можноста за нова партизација, во исто време кога пред некој ден го одбија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите и нивниот раст, правеа обид за повторна партизација на образованието. Затоа еве од овде, од Битола, од градот на конзулите, ја повикувам Владата да го прифати покачувањето на пензиите и платите кое го предлагаме, а ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе го пофали таквиот чекор и ќе се откажеме од сите наши заслуги, ние не сме важни, ниту јас, ниту пратеничката група, ниту од крајот на денот ВМРО-ДПМНЕ бидејќи народот е важен. Ова наше барање не е поради популизам туку поради вистинската грижа за народот, само да им се помогне на граѓаните. Затоа предлагаме еве нека ги прифатат сите измени кои што ги предлагаме и за пензионерите, и за вработените во јавниот сектор, и за вработените во градинките, и во основните и во средните училишта, и на универзитетите, и нека ги земат слободно сите заслуги, нека биде тоа Бујар Османи, нека биде Али Ахмети, нека биде Артан Груби, нека биде Крешник Бектеши, нека биде администраторот Ковачевски заслужен, само нека работат во корист на народот и за интересите на народот – нагласи Мицкоски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.