Основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните ќе се и понатаму оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува на 5% како што тоа е предвидено со Законот за Данок на додадена вредност и поблиску дефинирано со Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ која Владата ја донесе на 28 септември, а која стапува на сила од денеска. Донесените одлуки нема да влијаат на пораст на крајната цена на основните прехранбени производи, информираат од Министерството за финансии.

Листата останува долга и таа претставува најширока листа во однос на земјите од регионот и во земјите од ЕУ, а целта на донесувањето на одлуката за примена на повластена стапка од 5% кај одредени производи е со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните, како и оданочување со праведна даночна стапка на производите кои што не претставуваат основна човечка исхрана.

Одлуката содржи над 1600 производи, кои со новата одлука ќе продолжат и понатаму да се оданочуваат со најниската даночна стапка од 5%. Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, ќефир, сирење, најголем дел од кашкавалот, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчукот и овошјето, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарина, грејфрут), брашно од пченица и и брашно од жита, пченица, јачмен, рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, паплини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, ќечап и други сосови од домат, супи, оцет, сол, ореви, костени…..

На листата меѓу другото се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, а истата е дополнета со менструални производи а додека пак прометот на пелетите за греење останува да се оданочува со 5%, појаснуваат од ресорот финансии.

Од таму листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10% се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза и производи а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје.

На оваа листа меѓу другите се различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Исто така поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата.

Направените измени се дел од пошироката даночна реформа, која претставува усогласување со европската легислатива, согласно препораките од ЕУ и Меѓунродниот монетарен фонд и истатата е за поголема правично, праведност и заштаита на стандардот на граѓаните. Исто така предлог-листата во рамки на инклузивниот процес што се водеше за воспоставување на новиот даночен концепт, беше споделена со сите засегнати страни и подолг период беше споделена со јавноста и преку веб-страната на Министерството за финансии.

Примената на овие две одлуки не влијаат на донесената одлука на Владата за замрзнати цени на основните производи, затоа што тие производи опфатени со владината одлука се дел од листата со повластена даночна стапка од 5% и кај нив нема промена.

Република Македонија останува со најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана останува да се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од истата односно основните човечки производи продолжуваат да се оданочуваат со пониска повласта стапка од 5%, стои во соопштението на Министерството за финансии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.