Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес одржа состанок на Секторската работна група за енергетика нагласувајќи ја посветеноста на Владата да ја поддржи имплементацијата на Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година во согласност со препораките на ЕУ изразени преку процесот на стабилизација и асоцијација и годишниот извештај за напредокот на Европската комисија за Поглавје 15- енергетика.

Мора да останеме фокусирани на ова прашање и на потребата од енергетска транзиција, што од друга страна пак е важен дел од Зелениот договор, бидејќи немаме друг избор ако сакаме енергетска безбедност, во просперитетен и еколошки чист регион, рече на состанокот Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ истакна дека новиот Закон за енергетика е целосно усогласен со Директивата за обновливи извори на енергија, а Македонија е на пат да ги исполни задолжителните цели за енергетска ефикасност, додавајќи дека Македонија е одлучна, во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан, да продолжи со транзиција на чиста енергија и одржлив развој.

Вицепремиерот и Национален ИПА координатор на состанокот го претстави и новиот хоризонтален пристап за сите Секторски работни групи, како најважен механизам за транспарентна и инклузивна координација на секторската политика и планирање на донаторската помош, вклучително и ИПА.

Новиот пристап повлекува политички дијалог за секторските стратешки приоритети и обезбедување донаторска помош за имплементација на националните приоритети, посочи Маричиќ, појаснувајќи дека координацијата на донаторите и рационализирањето на донаторската поддршка е особено важно, имајќи предвид дека процесот на интеграција во ЕУ е скап потфат, а планирани се бројни реформи поврзани со интеграцијата во ЕУ во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА 2021-2025).

Маричиќ најави дека е планирано во следната фаза да се обезбедат средства за имплементација на стратешките и секторските приоритети, чие финансирање треба да се обезбеди без оглед на изворот – било да е тоа национален буџет и помош од донатори, со цел непречено да се спроведуваат планираните европски реформи во земјата.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.