Македонска берза втора година по ред се приклучува кон глобалната иницијатива „Да заѕвониме за финансиска писменост“ на Светската федерација на берзи (World Federation of Exchanges – WFE), како поддршка на глобалната кампања „Светска недела на инвеститорот“ во организација на Меѓународната организација на комисиите за хартии од вредност.

Како што информира Македонска берза, оваа година „Светската недела на инвеститорот“ трае од 3 до 9 октомври и кон неа се приклучија рекордни 79 берзи на шест континенти. Берзите оваа недела одржуваат церемонии на ѕвонење на берзанските ѕвона, со цел зголемување на свеста за потребата од финансиска едукација, со нагласок на инвестирањето во хартии од вредност.

По овој повод, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Предраг Трпески, во просториите на Македонска берза симболично го заѕвони берзанското ѕвоно и изјави дека финансиската писменост денес е високо на агендите на сите релевантни носители на економски политики.

-Економскиот факултет Скопје, од своето постоење, а особено во последната декада, индивидуално или во партнерство со националните финансиски институции, континуирано придонесува во подигнување на сите нивоа на писменоста. Дополнителна потврда за тие заложби е и потпишаниот Меморандум за соработка со Македонската берза, кој опфаќа повеќе полиња на делување, а посебен акцент е ставен на организирање неколкудневни обуки кои ќе ги покријат областите од: пазарот на капитал, личните финансии, финансиското сметководство, функционирањето на Македонската берза на хартии од вредност и слични теми, рече Трпески.

Воедно, во рамките на иницијативата „Да заѕвониме за финансиска писменост“ и одбележувањето на „Светската недела на инвеститорот“, главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, одржа предавање пред студентите на Економскиот факултет. На студентите им беше презентиран македонскиот пазар на хартии од вредност и улогата на сите пазарни институции и учесници.

-Една од највпечатливите промени насекаде на берзите во последно време е нагласената генерациска промена во структурата на инвеститорите – тие се сè помлади, посмели и поактивни без да користат финансиски посредници. Токму затоа нивната финансиска едукација и длабинско познавање на проблематиката е уште поважна од порано и сите општествени чинители треба да направат максимални напори за подобрување на финансиската писменост, изјави Штериев. 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.