Заедно со последниот пакет антикризни мерки кој изнесува 360 милиони евра во текот на оваа година вкупниот пакет антикризни таргетирани мерки за најранливите категории граѓани и за одржување на ликвидноста на компаниите изнесува 800 милиони евра, рече премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања.

Мерките се донесени низ длабоки анализи и во консултации со различни субјекти и експерти, посочи тој, со цел да бидат опфатени што е можно повеќе компании и граѓани кои се најпогодени.

-Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза и сите ќе ја пребродиме заедно затоа што Владата одговорно и навремено презема мерки со цел да обезбеди поддршка за граѓаните и компаниите и тоа ќе продолжиме да го правиме се до завршување на кризата. Мојата цел е во зимата пред нас да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме во државата и да ги искористиме контактите со сите наши соседи со кои воспоставивме добри односи во изминатите пет години и на тој начин да обезбедиме непречено снабдување со енергенси и со ресурси за производство на електрична енергија во капацитетите со кои располагаме, истакна Ковачевски.

Од друга страна, како што рече, усвоени се таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите категории на граѓаните, што е препорака на меѓународните финансиски институции –  ММФ и на Светската банка – која потврди дека Македонија го има најголемиот пакет на таргетирани антикризни мерки од сите земји во регионот.

Во исто време, додаде премиерот, Владата се труди да најде помош и за компаниите со цел да ги задржат своите вработени и да го зачуваат работењето на најсоодветен начин во услови на криза.

Ковачевски се осврна и на поволните мерки што произлегоа од ребалансот на Буџетот – продолжената намалена стапка на ДДВ од 5 наместо 18 проценти за електрична енергија, Програмата за енергетска сиромаштија со која парично директно се помагаат 4000 семејства на кои им се обезбедени намалени сметки за електрична енергија или финансиски средства за друг огревен материјал што го користат. Со оваа мерка секое семејство е помогнато со речиси 200 евра во текот на годината.

-Продолжува и финансирањето на општините заради зголемување на енергетската ефикасност со  проектот на Министерството за финансии преку Светска банка во износ од 10,5 милиони евра што ќе може да ги искористат за воведување на обновливи извори на енергија или за подобра енергетска ефикасност на нивните објекти, рече меѓу другото Ковачевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.