Стандардот на пензионерите никогаш не бил вака штитен како што е денес. Методолгијата која ја утврдивме заедно со Сојузот на здружение на пензионерите на Македонија (СЗПМ) дава резултати на долг рок. Усогласувањето според оваа методологија се врши два пати во текот на годината, во март и септември, и ги следи промените на двата индекса за усогласување, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со претставниците на СЗПМ.

Премиерот најави дека пензионерите на своите сметки утре ќе ја добијат втората исплата на финансиската поддршка за пензионерите со пониски пензии од 14 илјади денари, од вкупно четири исплати, односно финансиска поддршка во времетрање од четири месеци.

На почетокот на новата година се сретнав со раководството и со членовите на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија за да потврдиме дека партнерски продолжуваме да се грижиме за животниот стандард на пензионерите преку системски и одговорни политики, а не како во некои минати времиња кога пензионерите без злоупотребувани за предивборни цели, изјави Ковачевски по средбата, на која присуствиваше и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

На денешната средба, како што додаде Ковачевски, заеднички констатирале дека од голема помош е поддршката што како Влада ја даваат на пензионерите, како со усвојувањето на новата методологија за пресметка на пензиите, така и со антикризните мерки.

Минатиот месец, посочи, со исплатата на декемвриската пензија финансиска поддршка од 1.500 денари добија 62.951 лице, чија пензија е до 11.525 денари и по 750 денари добија 65.704 лица, со износ на пензии од 11.526 до 14.000 денари.

Ова не е единствена финансиска поддршка за пензионерите предвидена со антикризни мерки. Финансиска помош во вкупна вредност од 3.000 денари добија 330 илјади пензионери за месеците март, април и мај во 2022 година, додаде премиерот.

Тој напомена и дека пенизонерите во 2023 година влегоа со повисоки пензии за околу 10 проценти.

Ова е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година. Следува ново усолгасување на пензиите за два месеци во 2023 година во март, според трошоците за живот и пораст од над просечната плата. За една календарска година растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти и тоа календарска година која не е изборна година, рече Ковачевски.

Тој информираше дека во буџетот на Министерството за труд и социјална политика во 2023 година предвиден е трансфер од околу 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради навремена исплата на пензиите и за усогласувањата предвидени со закон.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова по средбата изјави дека со новата методологија се постигна основната цел за пензионерите, а тоа е пензиите да се усогласуваат со дел од порастот на трошоците на животот и дел од порастот на платите, во еднаков процент.

Благодарение на новата методологија, во 2022 година сите пензии беа усогласени со 10 проценти. Првпат во работењето на СЗПМ, бевме активни чинители на работните средби во врска со креирање на новиот модел за усогласување на пензии. Тоа е фер и коректно решение, и на тој начин ќе се надмине проблемот на создавање различни нивоа на пензии меѓу пензионери кои под исти услови остваруваат право на пензија, додаде Трајкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.