Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски, денеска беа во посета на компанијата „Метро“, која со помош на ИПАРД Програмата вложила во осовременување и високи технологии како би ги зголемиле своите капацитети. Со финансиска поддршка за мерките за рурален развој, компанијата „Метро“ изминативе пет години значително го прошириле асортиманот и партнерската мрежа во регионот и го зголемиле извозот на нивните производи. Владата последните години сериозно пристапи кон ИПАРД Програмата, верувајќи во потенцијалот на земјоделците, заложувајќи се подеднакво да се развива секој дел од државата. Република Македонија изминативе години стана лидер во регионот по искористеност на ИПАРД средствата. Успешните земјоделски политики на Владата ги потврди и Европската комисија и затоа преку ИПАРД 3 Програмата земјата доби зголемување од 62% неповратни средства од ЕУ.

Од земја која не ги искористуваше парите од европските фондови и ги враќаше назад, Македонија ја направивме земја лидер по искористеност на средствата од ИПАРД Програмата. Кој било град или село да го посетите скоро секаде ќе наидете на табла дека некој проект е реализиран со средства од ИПАРД. За нас е многу важно што сето тоа го гледаат нашите пријатели од меѓународната заедница, ја добиваме нивната поддршка кон градење на економски силна и профитабилна земја, конкурентна на меѓународните пазари. Во ИПАРД 2 Програмата ЕУ за Македонија даде 60 милиони евра, за ИПАРД 3, Европската Унија на нашата земја ѝ одобри 97 милиони евра. Тоа се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да ѝ ги вратиме. Заедно со кофинансирањето од државата и апликантите вкупната вредност на Програмата ИПАРД 3 достигнува 210 милиони евра, средства наменети за инвестиции во следните 7 години. За уште поголем интерес и реализација на новата ИПАРД 3 Програма предвидуваме и можност за авансна исплата до 50% од финансиската поддршка преку ИПАРД 3 Програмата“, изјави премиерот Ковачевски.

Министерот Николовски, истакна дека Владата и Министерството ќе се залагаат за уште поголема вклученост во новата ИПАРД 3 Програма. Преку ИПАРД Програмата, може да се набавува модерна земјоделска механизација, опрема за производство и преработка со највисоки технологии, изградба или проширување на производствените капацитети, средствата се наменети за поддршка за туризмот, како и за рурален развој.

Она што како нова мерка со новата ИПАРД 3 Програма го предвидуваме е и можноста за авансна исплата до 50% од финансиската поддршка преку ИПАРД 3 Програмата. На овој начин помагаме апликантите да можат веднаш и побрзо да започнат со реализација на својот ИПАРД проект. Нашата цел е уште поголема реализација и склучени договори со новата ИПАРД 3 Програма, токму затоа во наредниот период тимови на Министерството и Агенцијата заеднички на терен директно пред граѓаните ќе ги презентираме сите можности кои се ставаат на располагање со мерките од ИПАРД 3 Програмата“, изјави министерот Николовски.

Директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски рече дека со искористувањето на средствата од ИПАРД Програмата се модернизира земјоделската механизација, се воведуваат нови технологии во производството и се зголемува бројот на домашните преработувачки капацитети, како и на малите бизниси кои оперираат во руралните средини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.