Кочанските оризопроизводители го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани
Кочанските оризопроизводители излегоа на протести, во селото Облешево го блокираат патот Штип-Кочани. Сметаат дека откупната цена и на белиот ориз и на оризовата арпа се прениски и годинава не им ги покриваат трошоците.
Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството вели дека производствената цена е повисока од откупната. Барањето е пред да почне жетвата да се одреди откупна цена, а бараат и средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
-Ланската реколта беше откупувана од 15 до 18 денари, а сега се откупува од 20 до 22 денари, кој може да опстане, истото е и со пченицата, тутнот, грозјето. Буквално целото земјоделие е во колапс, вели Арсов.
Оризопроизводителот, Стојче Ташовски забележа дека секој ден им се трупаат долговите, а земјоделците тонат во сиромаштија и не можат да си платат пензинско и здравствено осигурување.
-Цената на жетвата оваа година ќе се покачи, заради тоа што нафтата е зголемена, а исто и трошоците за комбајни. Јас не знам како ќе почнам жетва оваа година. Една вреќа е 15 денари, пластична 20 денари, а кило оризова арпа е 20 денари. Тоа е срамота. Зелена нафта никој нема добиено, тоа е само пропаганда на власта, вели Ташовски.
Подрршка на оризопроизводителите дадоа и земјоделци од другите региони од државата. Ѓорѓи Каракашев од Радовиш порача дека македонскиот аграр е банкротиран.
-Да упатиме и порака до граѓанството дека ние ќе бидеме гладна нација, ќе немаме храна да се прехраниме. Десет посто од површините не се обработуваат. Жално и страшно е што не очекува во иднина, вели Каракашев.
Дане Јошев од регионалното Здружение „Тиквешки лозар, овоштар“ од Кавадарци посочи дека и лозарите се во иста ситуација како и оризопроизводители, без да се има формирано откупна цена, а не е, како што вели, и оставарена средба меѓу лозарите, винарите и ресорниот министер.
-Бербата ќе почне од понеделник, плус не е платена зелената нафта, регистриран млад земјоделец плус 20 посто не е исплатено, редовните субвенции што беа за контрола 1.800 души не се исплатени. Лани немавме приноси од негрижата на Водостопанство, имавме суша, елементарна непогода и за тоа се поднесени документите и за тоа немаме ништо, вели Јошев.
Нове Јошевски пчелар од Кавадарци забележа дека годинава била катастрофална за пчеларите.
-Ние оваа година имаме големи загуби, на цела територија на Македонија. Никој не дојде да не праша, која е причината, ветеринарните лекари ќе го викнеш и тој не знае, вели Јошевски.
Посочи дека пчеларите немаат добиено субвенции, а, како што вели, оваа година беше медна, но, немаше пчели. Најавуваат и повисока цена на медот.
-Сега тегла мед е 600 денари, а треба да биде барем 1.000 денари, за да бидеме рентабилни и со таа цена ќе постигнеме нешто, вели Јошевски.
Кочанските оризопроизводители го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани со што го искажаа своето незадоволство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.