Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика со тоа што повторно ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени и сега е на ниво од 5,50 проценти.

На седницата на Комитетот за оперативна и монетарна политика, одржана вчера, е донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 процентни поени со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,40 проценти и 3,45 проценти, соодветно.

Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем, се наведува во денешното соопштение од Народната банка.

Оттаму посочуваат дека годишната стапка на инфлација забавува и во февруари, а исто така и анкетните истражувања на Европската комисија, од ноември наваму, покажуваат очекувања на потрошувачите за одредено намалување на инфлацијата во следните дванаесет месеци.

Забавување бележи и базичната инфлација, но таа и натаму е на повисоко нивo. Исто така, и покрај надолната патека, очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со голема неизвесност, велат од НБ.

На девизниот пазар, движењата се стабилни и се забележа подобрување во сите сегменти, вклучително и кај корпоративниот сектор.

Од централната банка предупредуваат дека е неопходно претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

Во однос на растот кај домашните цени, од централната банка информираат дека има забавување во согласност со очекувањата и во февруари тој е сведен на 16,7 проценти во споредба со јануари кога беше 17,1 процент.

Нивото на девизните резерви на крајот на февруари, според оценките на Комитетот, е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Во однос на домашната економска активност, од централната банка информираат дека во четвртиот квартал од минатата година, реалниот раст на БДП очекувано забавил, со што во просек, за целата 2022 година, економијата забележала реален раст од 2,1 проценти, што е блиску до очекувањата од октомвриската проекција.

– Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за јануари покажуваат солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот пад во претходниот квартал, како и поумерени негативни движења кај индустриското производство, велат од Народната банка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.