Државата мора да се прилагоди на новонастаната ситуација, веќе сме влезени во стагфлација, тоа е состојба на стагнација на економија и инфлација. Власта требаше да го има предвидено порастот на цените, како и досега требаше стоковите резерви да бидат наполнети и пуштени во употреба за да се спречат ценовните шокови, изјави за „Тема на денот“ во дневникот на Сител, Маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа појасни дека и пред новонастаната ситуација со Украина, имавме високи цени, раст на храната на светските берзи на пример пченицата од април 2020 година до декември 2021 е за 80% порасната цената и затоа досега власта требаше да работи на стоковите резерви.

Меѓу првите алармирав за стоковите резерви заради тоа што ја видов стратегијата на Агенција за стокови резерви во којашто јасно е наведено дека за 2022 треба одредени количини на пченица, јачмен, масло да се набават, јас гледав во јавни набавки и нема јавни набавки, а челниците велат дека има, вели таа.

Кадиевска Војновиќ истакна дека итно на државата и е потребен и ребаланс бидејќи за два месеци имаме 120 милиони буџетски дефицит, а тоа е 30% од тоа што сме го планирале годинава и додаде дека власта треба да ги прифати предложените мерки на ВМРО-ДПМНЕ.

Парите за справување со енергетската криза се истрошени, треба да се предвидат нови, не очекува неизвесна иднина, а треба подолгорочно да размислуваме. Ние денеска истакнавме мерки во даночната политика за да се неутрализира оваа висока инфлација, ослободување на ДДВ кај храна, топлинска енергија, останување на онаа повластена стапка 5% за електрична енергија, намалување на акцизи на нафтени деривати, сето тоа ќе има фискални импликации. Потребни се средства во буџетот да се предвидат и досега требаше да ги имаат овие работи, рече Кадиевска Војновиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.