Во просториите АППТ во Струга, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Општина Македонски Брод, потпишаа меморандум за соработка со кој се заложија за поголема кооперативност на полето на туризмот.
Меморандумот го потпишаа директорот на АППТ, д-р Љупчо Јаневски и градоначалникот на општина Македонски Брод, г-дин Жарко Ристески.
Потпишаниот меморандум опфаќа бројни заеднички активности во поглед на дефинирање на видовите на туризам кои имаат потенцијал за развој на територијата на општина Македонски Брод, развој на нови туристички форми, изработка на промотивен материјал, мапирање на туристичките знаменитости, градење на капацитети за аплицирање и искористување на средствата од меѓународни проекти, размена на информации за современите трендови во туристичкиот сектор, како и континуирано подигање на квалитетот на човечките ресурси со асистенција на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот – АППТ.
Валоризирање на туристичките потенцијали на општина Македонски Брод во насока на развој на рурален, спелеолошки, еко и адреналински туризам, претставува можност за збогатување на македонската туристичка понуда и зголемување на приливот по основ на туризмот во општината” – изјави д-р. Јаневски, директор на АППТ.
Македонски Брод го карактеризира извонредно зачувана, чиста животна средина, со развиено производство на органска храна, природни реткости од кои пештерата со најголем отвор на Балканот, Пешна, е потенцијал кој треба да биде искористен во туристички цели.
Развојот на нашата општина го гледаме во напредокот на туризмот, преку соодветно валоризирање на потенцијалите и градење на капацитетите во функција на туризмот, за што од особено големо значење ни е искуството кое го препознаваме во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот”- изјави г-дин Ристески, градоначалник на Македонски Брод.
Со зајакнување на соработката помеѓу нашите институци, очекуваме ова да биде нов предизвик за започнување на нови бизнис идеи во сферата на развојот на руралниот и еко-туризмот, што ќе придонесе кон економско зајакнување на локалното население на Македонски Брод и искористување на предностите кои со себе ги носи туризмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.