Во рамките на Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), којшто беше склучен оваа година, започна првата серија предавања од страна на ДКСК за вработените во Народната банка.
За претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, Народната банка е пример на институција со висок интегритет, којашто предничи во примената на прописите за заштита од судир на интереси и корупција во нашата земја, притоа истакнувајќи и дека актите донесени од Народната банка се во целост усогласени со важечката регулатива од оваа област.
Нашата главна заложба е градење силни институции, преку јакнење на личниот интегритет на службените лица во тие институции. Тоа е особено важно, затоа што секој е должен во вршењето на функцијата, јавното овластување и службената должност, да постапува совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно, притоа почитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост, јавност, етичките норми и професионалните стандарди, без дискриминација или повластување на кого било и со целосно почитување на јавниот интерес – истакна Ивановска.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска означувајќи го почетокот на серијата обуки коишто ќе се спроведуваат во Народната банка од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, рече дека Народната банка постојано работи на унапредување на управувањето и организациската култура во институцијата.
Нашата мисија за законито и етичко работење се постигнува преку постојаната заложба за зајакнување на интегритетот на Народната банка. Создадовме механизми и преземаме превентивни активности за да обезбедиме ефикасно спроведување на нашите задачи и цели, во согласност со принципите и постапките уредени во Етичкиот кодекс на институцијата и останатата соодветна регулатива – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Народната банка постојано работи на спречување на појавата на корупција и судирот на интереси, преземајќи низа превентивни активности, преку воспоставената независна функција за усогласеност. Во овој значаен сегмент, во 2021 година е донесена Политиката за спречување корупција, а во согласност со неа е усвоен и Планот за процена на ризиците од корупција за 2022 година. Неодамна беше донесен и нов Етички кодекс за вработените и членовите на Советот на Народната банка, изготвен согласно со најдобрите практики за етичко централнобанкарско работење на европските централни банки и ЕЦБ. Овој кодекс, поставен во духот на правната рамка за спречување на корупцијата, воведе јасни принципи за добро управување, комуникација со јавноста, професионални стандарди и постапки на институцијата, заради натамошно унапредување на системот за заштита и спречување корупција и судирот на интереси.
Обуките, коишто се дел од активностите предвидени во Меморандумот за соработка меѓу Народната банка и Државната комисија за спречување на корупцијата, склучен неодамна, се наменети за членовите на Советот и вработените во Народната банка. Едновремено, тие се продолжување на успешната соработка меѓу институциите коишто, преку размена на знаења и добри практики од областа на спречувањето корупција и судирот на интереси, придонесуваат за натамошно зајакнување на антикорупциските правила и постапки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.