ЕВН Македонија сите свои активности на пазарот ги спроведува согласно законската регулатива и под строго определени правила, стои во демантот од компанијата.

Оттука, ЕВН Македонија го демантира во целост тврдењето на претседателот на Комората за енергетика, г-дин Ѓорѓи Манасков. Јавно изнесените обвинувања се целосно неточни и нанесуваат штета на целата енергетска индустрија, но и на целокупната јавност, создавајќи неточна слика за состојбите во услови на енергетска криза.

Во интерес на правилно и точно информирање, потсетуваме дека сите броила се набавени од реномирани европски производители и се согласно највисоките европски стандарди. За квалитетот на броилата гарантира производителот и контролорот односно државата преку Бирото за метрологија, кое става државен жиг, а е дел од Министерството за економија.

ЕВН Македонија е транспарентна компанија и во таа насока, како и во интерес на јавноста, секогаш сме подготвени да помогнеме во изнесувањето на точни информации во јавноста. За таа цел, го покануваме јавно г-динот Манасков, заедно со претставници на другите релевантни институции кои законски се обврзани да ја регулираат оваа област на енергетскиот пазар, да извршиме теренска проверка на броилата и начинот на кој тие функционираат. За да нема никаков сомнеж, г-динот Манасков, како експерт од областа, има можност сам да одбере броила врз кои ќе се врши увид.

Покрај тоа, го покануваме г-динот Манасков и во акредитираната лабораторија, во присуство на претставници на државното Биро за метрологија, орган кој ја контролира работата на лабораторијата, како и во присуство на Институтот за акредитација на РСМ, да присуствува на испитувањето на точноста и исправноста на броилата.

Искрено веруваме дека Комората за енергетика на Македонија како здружение на експерти од областа ваквите неосновани тврдења ги изнесуваат врз основа на одредени недоразбирања и за да се надминат истите ЕВН Македонија ја упатува оваа јавна покана, бидејќи енергетиката е прецизна област каде само фактите се релевантни, соопштија од ЕВН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.