Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска присуствуваа и говореа на настан по повод пуштањето во употреба на делница Крупиште-Кочани на експресниот пат Штип-Кочани. Со денешното ставање во функција на 13,7 километри од Крупиште до Кочани и трасата од Штип до Крупиште, целосно е завршен проектот кој се реализираше во две фази.
Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски:
„Како што ветивме и сигурно се сеќавате дека пред еден месец дадов задолжение да се завршат последните активности од изградбата на оваа делница, еве нѐ денеска тука за да го исполниме тоа ветување.
На мое огромно задоволство, но верувам и на огромно задоволство на граѓаните од целиот источен регион ја имам честа да го пуштам во употреба експресниот пат Крупиште-Кочани.
Нека ни е со среќа и честитки пред сѐ до сите вклучени и до Министерството за транспорт и врски, ЈПДП, изведувачите, подизведувачите и надзорот. Завршена е голема работа.
Би сакал да ве замолам, да ги поздравиме и да им се заблагодариме на сите вклучени со еден аплауз.
Наредна година очекувам да имаме уште многу вакви настани со кои ќе означиме брзо и динамично подобрување на инфраструктурата во земјата. Македонија мора да се развива, а инфраструктурата е важна алка со која обезбедуваме забрзан економски развој. Ако се работи напорно и посветено, нема недостижна цел.
Изградбата на нови патишта, подобра и модерна инфраструктура и инвестирањето во капитални објекти со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните и се обезбедуваат подобри услови за работа на компаниите е врвен приоритет на Владата. Денеска пуштаме во употреба токму ваква значајна инвестиција за целиот источен регион од, односно делницата Крупиште-Кочани од експресниот пат Штип-Кочани. Со оваа инвестиција уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби за рамномерен развој на целата држава и обезбедување на подобра конекција помеѓу градовите.
Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што го забрзуваме и олеснуваме патувањето за граѓаните од овој крај. Се намалуваат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Во првата фаза од изградбата во 2020 година беше пуштен делот од експресниот пат Штип до Крупиште со должина од 14,3 километри и вредност 28,5 милиони евра.
Со денешното ставање во функција на останатите 13,7 километри од делницата, во вредност од 18 милиони евра, целосно ја заокружуваме изградбата која се одвиваше во две фази. Средствата и за првата и за втората фаза од изградбата беа обезбедени од заем од ЕБОР.
Изградбата на современа патна инфраструктура во земјата е еден од приоритетите на Владата. Како и во изминатите години и во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско-енергетска криза интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Во источниот дел од државата резултатите од работата се особено видливи. Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион. Не запираме тука. Со истото темпо и динамика продолжуваме и понатаму. Затоа и изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени. Изминативе пет години, Владата изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри патишта.
Заложбите на Владата за вложување во современа инфраструктура се гледаат и во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година кој изнесува околу 324 милиони евра, што е за 135% зголемување од оваа година.
Во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8, за што се предвидени 244 милиони евра. Регионалното поврзување и соработка е еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од огромна важност за развојот на нашата економија. Очекуваме следната година да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид и веќе во јануари 2024 година да можат граѓаните, сите ние да возиме по тој автопат. Активно продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, третата лента на патот Паланка-Деве Баир. Во рамки на овој Коридор, наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово и Коридорот 10Д Прилеп-Битола. Активно ќе се работи и на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, Дреново-Фариш, Скопје-Блаце прва фаза, Битола-Меџитилија и други автопатски делници за кои повеќе ќе зборува министерот.
Во рамки на Коридорот 8, со предлог Буџетот за транспорт и врски, 33 милиони евра се предвидени за изградба на железницата на овој Коридор. На крајот на месец октомври годинава го означивме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Македонија – делницата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка и активно изградбата продолжува следната 2023 година. Овој огромен проект отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други земји од Европа.
Инвестициите во модерна патна инфраструктура се важни и за граѓаните и за компаниите, но и за инвеститорите. Од една страна тие значат безбедно и модерно поврзување помеѓу градовите и селата, а од друга страна со ваквите инвестиции се отвораат нови, подобро платени работни места.
Влогот во инфраструктурата е траен влог во подобрување на условите за живот, растот животниот стандард и тоа е наш приоритет. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат да живеат поврзани со Европа и според европски стандарди и оваа Влада тоа го овозможува преку јасниот евроинтеграциски процес, по којшто работиме заштитувајќи ги националните интереси.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.