Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави дека ги поддржува еколошките инвестиции во Македонија со доделување кредит во износ од милион евра за Комерцијална банка Скопје преку Програмата на ЕБОР за финансирање на зелена економија – GEFF .
Средствата ќе бидат достапни за физички лица за инвестиции во мерки за заштеда на енергија, како што се изолација, прозорци, топлотни пумпи, соларни панели и други решенија, соопшти Канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
По успешна имплементација на мерките, како што се додава во соопштението, корисниците ќе имаат право на грант во износ дo 20 отсто од вредноста на кредитот. Средствата за грантовите се обезбедени од Европската Унија.
Ни претставува задоволство што го градиме успешното партнерство со Комерцијална банка Скопје и што ја зголемуваме нашата поддршка на инвестиции во енергетска ефикасност во земјата. Инвестициите во енергетска ефикасност имаат повеќекратни бенефити. Тие придонесуваат во намалување на сметките за електрична енергија на граѓаните, но и во намалување на производството и потрошувачката на електрична енергија во земјата, и конечно до намалување на емисиите на јаглероден диоксид, изјави Анди Аранитаси, претставник за Македонија на ЕБОР.
Заклучно со февруари годинава Програмата за поддршка на инвестиции во зелена енергија GEFF, во државава е искористена од скоро 2.700 домаќинства во износ од околу 20 милиони евра. Најчесто финансирани технологии се прозорците и вратите, изолацијата и топлотните пумпи.
Комерцијална банка Скопје, се приклучи на оваа програма во 2020 година и веќе има поддржано инвестиции на приватни позајмувачи во енергетска ефикасност во износ од милион евра.
Кредитната линија GEFF за Западен Балкан, поддржана од ЕУ Програмата за инвестиција на Западен Балкан и Австриското федерално министерство за финансии, е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан. Целта на програмата е да го поддржи регионот, познат по високиот интензитет на енергија, во насока на подобрување на енергетската ефикасност во секторот на домување, кој е еден од најголемите потрошувачи на енергија.
Од ЕБОР потенцираат дека се главен институционален инвеститор во државава, со инвестирани над 2,2 милијарди евра во 154 проекти. Поддршката на зелената енергија е приоритет за Банката, бидејќи се справува со еден од најважните предизвици во земјата, истакнуваат од ЕБОР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.